Од:

ВМРО-ДПМНЕ: Никогаш не сме им дале гаранции на ДУИ

ВМРО-ДПМНЕ ја демантира изјавата на претставникот на ДУИ, Рафиз Алити, дадена за Телма, а во која тој рече дека неговата партија добила писмени гаранции и од ВМРО-ДПМНЕ и покрај тоа што разговорите за состав на новата влада завршија неуспешно.

– Никогаш не биле побарани ниту, пак, се дадени некакви гаранции од страна на ВМРО-ДПМНЕ кон ДУИ. Разговорите што ги водеше ВМРО-ДПМНЕ беа на принципиелна основа тргнувајќи од интересите и определбите на партијата. Во повеќе наврати објаснивме зошто не дојде до договор, но за некакви гаранции побарани од ДУИ воопшто не стана збор. Впрочем и од ДУИ знаат дека доколку ВМРO-ДПМНЕ даде согласност околу нешто, тоа се реализира, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

НОВА претходно ја објави изјавата на Алити дадена за Телма а во која тој вели, ДУИ добила писмен документ и од ВМРО-ДПМНЕ, како што добила и од СДСМ за време на преговарачкиот процес и истиот бил прочитан пред централното претседателство на партијата.

Според него, ВМРО-ДПМНЕ се согласиле со сите барања од Платформата на албанските партии, освен со продолжување на мандатот на Специјалното обвинителство. Според Алити, токму продолжувањето на мандатот на оваа институција било главна пречка двете партии да не можат да се договорат за владина коалиција.

Инаку на денешната прес-конференција, портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов одговарајќи на новинарско прашање што содржи документот на СДСМ испратен до ДУИ, рече дека истиот е доволно добар за да ги обезбеди потписите за добивање на мандат за состав на Владата. Тој информираше дека за сега немаат повратен одговор но дека истиот ќе значи потписи за состав на Владата.