Од:

ВМРО ДПМНЕ: Роденденот на жените, честа на мажите

Снимател: Трајче Антоновски
Монтажа: Дарко Груевски

Со приватни и државни автобуси, членките на Унијата на жени дојдоа во Скопје да го прослават 17-от роденден. Велат, најголемото оружје на ВМРО-ДПМНЕ е жената. Иако славеа жените, најголемата чест му припадна на првиот маж во партијата, Никола Груевски, кој се чекаше над 1 час за да започне роденденот. Пречекан со громогласен аплауз од присутните, во звуците на партиската химна, Груевски се смести помеѓу мажите за кои првите редови од роденденот на женскиот огранк беа резервирани.

Се појавија високи функционери како Сашо Мијалков и неговиот брат Влатко, министерот Никола Тодоров, Спиро Ристовски, Влатко Ѓорчев, но и познатите поддржувачи на владејачката партија, докторката Аспазија Софијанова, актерката Јелена Жугиќ и блогерот Бетмен.

Дојде и функционерот кои последните скандали не го прославија во односот кон женскиот род, но одби да го коментира својот случај.

„Кажав се што имав да кажам“, одговори кусо Спасов.

Забавата на Унијата на жени пред Груевски и партијата ја започнаа хорот од Македонска опера и балет, а настапија и пејачите Наум Петрески, Владо Јаневски и Сашо Гигов Гиш.

Пред самиот почеток на манифестацијата, токму претседателката на Унијата на жени, Даниела Рангелова го организираше сместувањето на жените но таа и видно расположените повисоки функционери не беа достапни за коментар пред камерата на НОВА.

На денешниот собир не забележавме делење сендвичи, но и оваа „партиска екскурзија“ очигледно им се допадна на членките на Унијата. Многумина од нив, убавиот ден го искористија за по некоја фотографија од партискиот собир.