Од:

ВМРО ДПМНЕ: Укинувањето на екстерното ја враќа земјата назад

Намерата на СДСМ да го укине екстерното тестирање не е реформа, туку антиреформа и додворување на дел од родителите кои се третираат само како потенцијални гласачи, а не и како луѓе на кои државата треба да им обезбеди подобро образование за нивните деца и да бидат поуспешни во животот, изјави Спиро Ристовски од ВМРО ДПМНЕ.

-ВМРО-ДПМНЕ го воведе екстерното тестирање како одговор на една појава која започна во периодот на транзицијата, а се манифестираше преку масовно пишување највисоки оценки без да се обезбеди дека ученикот има доволно стекнато знаење за таквата оценка. Факт е дека ваквиот начин на оценување во моментот ги задоволуваше и учениците и родителите, но предизвикуваше штети во две насоки. Прво, ги изедначуваше и подобрите и послабите ученици и влијаеше на потешко препознавање на квалитетот. Второ, ги стимулираше учениците и нивните родители и понатаму без многу труд и учење да добиваат повисоки оценки, рече Ристовски на прес конференцијата.

Според него со планот за укинување на екстерното тестирање СДСМ „ја враќа назад Република Македонија, а родителите, колку и да бидат задоволни од оваа антиреформа, популистичката мерка јасно е дека таа е единствено на штета на потенцијалот и успесите на нивните деца“.

Неговата партија ВМРО ДПМНЕ смета дека „доколку СДС до крај ги реализира популистичките најави, постепено се ќе се врати по старо“.