Од:

Во 11 нова седница на ДИК

 Седницата на која Државната изборна комисија ќе одлучува за последниот приговор на СДСМ ќе почне во 11 часот.
Вчера, по прекинот на седницата членовите на ДИК најавија дека ќе работат на изготвување на веќе донесените 13 одлуки и тоа осум од движењето БЕСА и пет на Коалицијата предводена од СДСМ.
По доставата на решенијата до партиите почнува да тече 24-часовниот рок за тужби до Управниот суд. Судот, има рок од 48 часа за одлука.

ДИК треба да каже дали ќе се повтори гласањето на избирачкото место 0396/1, во Гостивар, изборна единица 2. Одлуката ќе се донесе врз основа на статистичките податоци кои треба да покажат дали тие гласови би можеле да влијаат на изборниот резултат. Ако бројките покажат дека износот на гласови би можел да го смени резултатот ДИК ќе донесе одлука за прегласување.

ДИК едногласно отфрли уште еден приговор за сумирање на резултатите од гласањето на 11 декември за предвремените парламентарни избори на Коалицијата предводена од СДСМ.

Отфрлен е приговорот за избирачкото место 2016 во Теарце, откако по увидот во целокупниот избирачки материјал во ова избирачко место беше констатирано дека тој во целост се совпаѓа со она што е утврдено од избирачкиот одбор. При разгледувањето на овој приговор, по барање на ДИК денеска на седницата присуствуваа сите членови на Избирачкиот одбор од ова избирачко место со цел да го потврдат избирачкиот записник.

Претходно со шест гласа „за“ и три против, Комисијата го усвои приговорот од Беса, кој се однесува на постапката на гласање за избирачко место 0396/1 во Гостивар, за кој беше побарано графолошко вештачење на потписот на еден гласач за кој се утврдило дека има обид за гласање по вторпат.

Одлуката е донесена откако до ДИК денеска беше приложен извештај од графологот, според кој утврдено е дека некој друг гласал во име на посочениот гласач и се потпишал во изводот од Избирачкиот список.

СДСМ денеска повлече два од приговорите бидејќи биле ненавремено поднесени.

Досега, ДИК отфрли пет приговори поднесени од Коалицијата предводена од СДСМ и седум од Беса. На денешната седницата ДИК го одби приговорот од Коалицијата предводена од СДСМ за гласањето во избирачкото место 1978 во Тетово. До ДИК беа поднесени вкупно 16 приговори, осум од СДСМ и осум од Беса.

Инаку, додека траеше седницата на ДИК, собраните поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ заиграа оро, но и исфрлија по некој огномет кон прозорите каде што се одвиваше расправата по приговорите.

Тие го скандираат името на партијата, и повторуваат дека таму се за да ја одбранат победата на нивната партија од „предавниците“ и опозицијата.

На улицата на кростосницната во центарот на Скопје кај поранешната зграда на НОВА МАКЕДОНИЈА каде што денеска се сместени повеќе институции, меѓу кои и ДИК, беа запалени повеќе канти. Во нив се пали оган, а на групата и беа испорачани дрва.