Од:

Во Хрватска се отвора првата болница за интернет зависници

Психијатриската болница „Свети Иван“ во Загреб во понеделник отвора дневна болница, прво системско решение во Хрватска за справување со проблеми од зависност од виртуелниот свет на компјутерските игри, социјални мрежи и интернет, која е во значаен пораст во цела Европа.

Иако за оваа современа зависност сеуште нема официјална медицинска дијагноза, експертите се уверени, дека проблемот постои и дека е потребна стручна помош на лицата кои понекогаш поминуваат „цело работно време“ пред компјутер, мобилен или таблет.

„Болницата во Загреб е наменета за оние кои на интернет остануваат со часови и губат контрола на времето, нервозни се ако немаат пристап на интернет и едвај чекаат повторно да се логираат“, изјави докторката Ирена Ројниќ Палавра, психијатар во болницата „Свети Иван“.

Зависноста од интернет е најслична на коцкањето со оглед дека заеднички именител е непостоење на психоактивна супстанца. Губење контрола над времето минато на интернет, проблеми за интерперсонални релации, психички тегоби како анксиозност, депресија или несоница, болки во грбот, пецкање на очите…сето тоа упатува на заклучок дека лицата кои имаат проблем со прекумерно користење на интернет и треба да побараат стручна помош.

Програмата најмногу ќе биде насочена кон младите лица. Експертите сметаат дека под најголем ризик се младите кои растат во неповолно семејно опкружување, осамени се, имаат мала самодоверба, тешко остваруваат социјални контакти. Девојките повеќе сакаат социјални мрежи, додека момчињата се склони кон игрите. Гледањето на порнографски содржини исто така е честа машка активност.

Првите истражувања за овој вид на зависност почнаа во 90-тите години во Америка. Денес има центри и во Англија, Грција, а интензивно се проучува и во Шведска, земјите од Далечниот Исток, како и Јужна Кореа.