Од:

Кривичен: Рочиште за „Тврдина 2“- Грујовски и шестмина од УБК

Во Кривичниот суд денеска треба да почне судскиот процес  за случајот со фалсификување и уништување на документацијата во Управата за безбедност и контраразузнавање поврзана со двата системи за незаконско следење на комуникациите.

Во овој случај, познат како Тврдина 2, обвинети се поранешниот началник на Петтата управа, Горан Грујовски, и уште шестмина вработени во УБК. Тие се товарат дека уништиле 2.047 службени списи, од кои 22 се однесуваат на системите за следење на комуникациите.

Според Специјалното јавно обвинителство, кое за овој случај подготви обвинение по скратена постапка, обвинетите се товарат за незаконско уништување на документација која била потребна во истрагата за откривање на начинот на кој Управата за безбедност и контраразузнавање вршела прислушување.

Последното рочиште се одложи бидејќи судијката Лидија Петрова беше на боледување.

Тогаш обвинителката од СЈО, Ленче Ристоска, истакна дека министерот за внатрешни работ Агим Нухиу ги декласифицирал поголемиот број од доказите за овој случај, а за кои до неодамна Управата за безбедност и контрарзузнавање одби декласификација, односно се правдаа дека овие информации мора да останат класифицирани, бидејќи во спротивно би се загрозила безбедноста на државата.