Од:

Во Париз пар-непар возење поради загаден воздух, Скопје без мерки

Париз се бори против загадениот воздух и воведува рестрикции со пар-непар возење за автомобилите и бесплатен градски сообраќај во деновите со максимална загаденост.

Воздухот во Скопје е позагаден од парискиот и во подолг период. Но градските власти не превземаат никакви мерки.

Во Париз вчера беше измерена максимална концентрација на загадување на воздухот со 146 микрограми на метар кубен. Границите на максималното загадување со азот диоксид и ПМ10 честички во главниот град на Франција се надминуваат повеќе пати во текот на зимскиот период. Оттука градските власти одлучија да воведат рестрикции за автомобилите со пар-непар возење.

Очигледно е дека мерката не била по волја на сите париски одлучувачи во оваа област како и фактот дека мерката не е популарна.

Кристоф Најдовски, советник во општината на градот Париз, член на “зелената” партија “Европа Екологија Зелени” на својот Фејсбук профил го изрази своето задоволство поради тоа што полицијата конечно ја вовела мерката по инсистирањето на градските власти. Најдовски има македонско потекло а сега е заменик на градоначалничката на Париз за транспорт и јавниот простор.

“Конечно добивме воведување на наизменичен сообраќај за утре. Оваа нова епизода покажува дека е неопходно да имаме автоматска процедура за да не се губиме во бескрајни дебати за да знаеме дали треба да се воведе ваква или онаква мерка и да реагираме на првиот ден на загадувачкиот пик за да се спречат пиковите”, напиша тој.

Во Скопје, во зимскиот период, загадувањето редовно ги надминува дозволените граници. Така, во Лисиче вчера биле измерени 255.57 микрограми на метар кубен, во Центар 171 микрограми на метар кубен, во Карпош и Гази Баба 213 микрограми на метар кубен. Ситуацијата лоша и во Битола и во Тетово.

Дозволената граница на загадување е 50 микрограми на метар кубен.

Мерењата ги врши Министерството за животна средина. На нивниот сајт секојдневно се објавуваат мерењата на загадувањето на воздухот но властите не превземаат ништо иако информациите се алармантни.

Првата мерка против загаденоста на воздухот што ја применуваат повеќе европски градови е пред се ограничувањето на брзината на автомобилите. Возачите се молат да не ја надминуваат брзината од 50 км на час.

Освен тоа, од возачите се бара да практикуваат заеднички превоз помеѓу колеги или соседи кои одат во иста насока. Така, наместо секој да ја земе својата кола, властите бараат возачите да се договорат помеѓу нив и да земат една наместо два или три автомобили и со тоа да придонесат за почист воздух.

Париската полиција предвидува казни за сите кои нема да ја почитуваат наизменичниот пар-непар сообраќај како и имобилизација на автомобилот.