Од:

Вработените и акционерите во Макпетрол се уште во неизвесност

Молкот и натаму е единствениот одговор од Комисијата за хартии од вредност околу сите прашања поврзани со обидот за преземање на нафтената компанија Макпетрол од страна на офшор-компанијата „Балкан Петролеум Холдинг Лимитед“.

Во случајот кој се одолжи повеќе од девет месеци, КХВ досега само еднаш го прекина молкот – кога во септември лани објави дека постапката за преземање се запира, со образложение дека се чека „ решавање на претходно прашање кај друг надлежен државен орган“, со што неизвесноста и сомневањата уште повеќе се зголемија.  КХВ претходно, во јули, ја врати на доработка понудата на „БПХЛ“ и побара дополнителна документација, без да открие повеќе. Всушност, Комисијата во ниеден момент не соопшти информации за ниту еден аспект од постапката, а нејзината нетранспарентност побуди сериозни сомнежи за „нечиста игра“ во случајот „Макпетрол“. Јавноста и натаму е во исчекување околу конечната одлука на КХВ околу обидот за преземање.

И другите инволвирани институции останаа „глуви“ на повиците на јавноста и не дадоа никакви информации. Централниот депозитар за хартии од вредност не одговори на прашањата поврзани со валидноста на банкарската гаранција на „БПХЛ“. Комисијата за за заштита на конкуренцијата, пак поведе постапка за утврдување на ефектите од евентуалното преземање на Макпетрол, но не открива никакви информации за тоа до каде е постапката.

Сомнителниот молк станува уште почуден, ако се земе предвид важноста на оваа компанија за целокупното македонско стопанство, но и за регионалниот нафтен бизнис. Игнорирањето од КХВ, всушност, е само одраз на севкупниот однос на државата и на властите кон случајот „Макпетрол“. Наспроти апелите на експертите, и меѓународните институции, ниту КХВ, ниту другите институции не ги истражија наводите за матното минато на руско-украинските инвеститори од „БПХЛ“, иако токму заштитата на македонското стопанство од црниот странски капитал е основна задача на овие институции.

Од друга страна, компанијата во финансискиот извештај за 2016 година прикажа добивка од над шест милиони евра, од каде се гледа дека продожува позитивното работење на Макпетрол. Компанијата лани ја зголемила продажбата на нафтени деривати на мало за девет проценти со тоа и своето пазарно учество,  а во текот на годината вработила 198 лица. Во исто време, Макпетрол ја намалил кредитната задолженост за 25%, а книговодствената вредност на акцијата се искачи до 554 евра.

И покрај одличните резултати, вработените и акционерите на Макпетрол, но и целокупната македонска јавност, се во неизвесност за иднината на нафтената компанија, а во целиот случај уште многу прашања остануваат неодговорени. Аналитичарите повеќепати предупредија – големината на Макпетрол повлекува и многу голема одговорност на КХВ и другите инволвирани институции во одлучувањето за овој случај.

Маркетинг текст