Од:

Време на мајтапи

Една ноќ, пред неколку години патот ме доведе во болницата во Кавадарци. Ми требаше медицинска помош. Прашувам кој е дежурен лекар, а медицинската сестра како од топ ми одговара дека е гинекологот. „Како тоа гинекологот?“, прашав. „Така само еден лекар дежура за цела болница, се менуваат секоја ноќ по еден лекар“, рече медицинската сестра.

Слушам и не ми се верува. Болницата е огромна, пет-шест спрата, а само еден дежурен лекар и тоа гинеколог. Еден лекар на сите одделенија. Мене лично не ми требаше гинеколог, за сосема друга интервенција отидов.  Но, помислив што ќе се случи ако има некоја сообраќајна незгода со повредени, а во истиот момент донесат и бремена жена за породување, за царски рез, на пример. Ќе се случи, хаос!

Нема доктори специјалисти во болниците во внатрешноста. Затоа умираат пациенти! Додека го однесат пациентот во друг град со килавите возила, додека го викнат возачот од дома кој претходно бил 12 саата на работа бидејќи нема друг, па отишол да се одмори, за тоа време ќе „отиде“ пациентот.

Кавадарчани раскажуваат дека сега нема ниту гинеколог. Единствениот е пред пензија или можеби веќе заминал,  затоа приватни гинеколози доаѓале на повик. Ете, во какви услови се породуваат жените во Кавадарци и околните села, но и од Неготино и околината бидејќи таму пред неколку години го затворија родилиштето и родилките доаѓаат во Кавадарци.

И да, во таа болница која зјапа празна пред некој ден министерот за здравство Никола Тодоров се сликаше со мамограф, кој веќе бил инсталиран, а за десеттина дена ќе почнел и да функционира. Се врткаа околу мамографот со директорот на болницата пред камерите како да инсталирале апарат од НАСА , чудо донеле за првпат во Кавадарци. И така ни објаснија дека тим од Скопје ќе направел неколкудневна обука на здравствениот кадар за да научат да снимаат со мамографот. Ова е некоја шега? Со неколкудневна обука ќе ги научат технички да го користат апаратот. Барем курс да им овозможеа ќе не смиреа малку. Вака не знам која жена ќе сака да биде експериментално заморче на некој што со неколку часа обука ќе снима со ваков апарат. Особено, ако ја згреши снимката и повторно  преснима, а се знае колкаво е зрачењето од овој апарат. За дебатите кои одамна се водат во светот „за“ и „против“ мамографијата нема да зборувам. Ние сме далеку од таа фаза. Се уште се радуваме на секој нов апарат, зашто за подобро и не знаеме.

Туку, друго ме мачи повеќе. Кој ќе ги чита резултатите од снимањето, кога таму нема рентгенолог? Граѓаните од Кавадарци велат дека рентгенолог доаѓал од Неготино или од Велес. Добар проект! Важно апаратот го рекламираа уште пред да се обучи кадар!   Камерите снимаат, а зад министерот и директорот на болницата нема доктори, само партиски локални советници.

Е, Кавадарци имаше и подобри времиња за тебе! И лекари специјалисти имаше, добри, искусни, вредни. Малку од нив се меѓу живите. Нивните места не ги пополнија други. Нема доволно специјалисти, а и не „гинат“ веќе  за професијата. Зошто? За мизерните плати? Или за лошите услови во болниците? Но, за такви работи во оваа држава не се зборува. Сега сме во фаза на мајтапење со народот!

bolnica-kavadarci-1

И нешто друго сакав да потенцирам што е актуелно деновиве. Што се случува со специјализантите кои од 1 ви септември требаше да се вработат? Тоа е втората група на специјализанти за кои процедурата е почната пред пет месеци, а договорите за кофинансирање на специјализаците ги потпишаа во јули. Тие велат им било, ветено ама не е остварено. Што ќе каже на ова актуелниот министер за здравство?

„Ве потсетуваме дека повеќето од нас се моментално вработени во Приватни здравствени установи, или ги имаат напуштено моменталните работни места, очекувајќи од септември да бидеме вработени во соодветните Јавни установи, што укажува дека проблемот не е само организациски и временски, туку и егзистенцијален“, велат младите доктори кои се обратиле за помош во Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари.

Јас и минатата недела прашав во Министерството за здравство, ама не добив соодветен одговор. Вработувањата се одвивале тековно, ми рекоа. За тие 350 нови работни места што беа најавени директорите распишувале огласи бидејќи болниците ги обезбедуваат платите. Но, не видовме такво нешто, исто како што не знаеме зошто младите лекари специјализанти од вториот конкурс извисија. Директорите велат „не е до нас треба согласност од Министерството за финансии“. А, таква согласност нема. И се се врти во круг. Некој со некого се мајтапи, изгледа.

kavadarci-bolnica-mizerija1

И во таква ситуација на „ветено, а не остварено“ почнаа да копаат по магацините и да носат по некој апарат во болниците. Некаде мамограф, некаде дефибрилатор, некаде апарат што веќе бил пуштан во употреба. Само да бидат активни. Да видиме дека нешто се прави. Во целата таа еуфорија на пуштање на нови апарати, камерите ниту за момент не се свртеа на другата страна. Да ја снимаат мизеријата во болниците, да се видат картоните на кои ги врзуваат детските рачиња кога примаат инфузија бидејќи немаат обични сталаци. Или чашките од јогурт во кои им донеле пире, без лажичка. Лебарките кои лазат по парчето леб. Но, не сега не е време тоа да се прикажува. Сега се остварува 24 часа, 7 дена во неделата. Да, сега е време за мајтапи со народот.