Од:

Време за лов на криминалци

Автор: Беса Арифи, Вонреден професор по кривично право во Универзитетот на Југоисточна Европа

Последната прес конференција на СЈО беше коментирана на многу начини. За некои фактот што беа покренати две обвинителни предлози по кои ќе се постапува по скратена постапка беше помалку разочарувачки, бидејќи очигледно, од СЈО очекуваа да ги третира само најголемите и најзначајните предмети и да побара највисоки можни казни. Од друга страна, самиот факт што СЈО стигна до првите обвиненија, и покрај интензивните опструкции, е навистина голем успех кој кажува многу за посветеноста и упорноста на лицата кои работат во таа институција.

Во овој однос би сакала да истакнам неколку работи:

Веќе треба да биде јасно дека причините зошто СЈО беше формирано, како и очигледните сопки кои упорно и се наметнуваат се суштинските проблеми кои ги имаме со редовното обвинителство и судсвто. Веќе подолго време зборуваме за начинот на кој се спроведуваат законите во оваа држава и за крајно селективната правда која е очигледна. Во такви услови, на арбитрерност, безаконие и неправда, воспоставувањето на поредок во кој правото и законите ќе владеат не е воопшто лесна работа. СЈО, со своите први обвинителни предлози но и со постапувањето во предметот “Пуч” покажа дека работи со реални очекувања. Многу е важно да почне да се воспоставува правда, и тука се важни првите чекори. Една кинеска поговорка вели: “И патот долг 1000 километри започнува со првиот чекор”. Овие две обвинителни предлози се првиот чекор, кој иако се покажува како мал, не е баш таков.

Скратената постапка по која овие обвинителни предлози ќе се водат е постапка која се спроведува за сите казнени дела за кои се предвидува казна затвор до 5 години, тоа е така определено со самиот ЗКП. Но тоа не значи дека во скратена постапка се постапува за лесни кривични дела, туку дека тоа е законски определено со цел да се постигне ефикасност на гонењето во разумни рокови и време. А делата за кои се подигнати овие обвинителни предлози, не се воопшто лесни дела.

Првиот предмет е за кривичното дело Фалсификување на службена исправа кое опфаќа и противправно уништување на службени исправи според непостоечки постапки и прописи, сосема спротивно законските одредби кои точно уредуваат на кој начин и дали воопшто такви службени списи можат да се уништат. СЈО тврди дека над 2000 списи биле уништени на овој противправен начин. Кривичниот законик за ова дело предвидува казна затвор од 3 месеци до 5 години.

Вториот предмет опфаќа нарачување и директно извршување на насилство во група во настан кој беше јавно пренесен во медиумите каде што е јасно видливо што се случува, а од неовластено прислушуваните материјали СЈО тврди дека директно се докажува поврзаноста помеѓу нарачаното насилство, и претходните разговори помеѓу носители на високи функции во извршната власт. Ваквото дело се казнува со затвор од 6 месеци до пет години.

СЈО не ги одредува казните кои се јасно определени во самиот Кривичен законик. Фактот што за нив се предвидуваат казни затвор до 5 години, овозможува тие да се гонат во скратена постапка, за која се очекува дека ќе трае пократко, особено во случај кога обвинителството би понудило сигурни докази. Меѓутоа, со нашите “креативни” судии не би можеле да бидеме сигурни во тоа колку кратко тоа ќе трае. Имено, скратените постапки може да се завршат за помалку од 6 месеци, но може и да траат со години. Каков пристап ќе видиме кон овие обвинителни предлози останува да се види а очекувањата се такви кави што се.

Во однос на казните кои звучат мали, би сакала само да напоменам дека всушност, воопшто не е важно траењето на казната затвор. Тоа што е важно е нејзиното ефикасно изрекување и спроведување. Така, Бекарија рекол дека не е од голема важност казните да бидат високи и строги, туку да бидат неизбежни. Бидејќи и најстрогата казна останува бесмислена доколку истата може да се избегне, а најлесната казна, од која нема бегање, е силен показател на функционирањето на казнено-правниот систем.

Многу е важно да се идентификува токму овој момент на работењето на СЈО, кое со сите сили се труди да го направи тој ‘рѓосуван систем на правдата конечно да проработи, со мали, но многу сигурни, значителни и неслучајни чекори.

Притоа, сакам да нагласам уште еден момент за кој малку се зборуваше по последниот прес на СЈО. Очигледно, сите беа многу зафатени околу тоа како звучи и како изгледа главната специјална обвинителка, небаре таа е учесник на некој меѓународен натпревар по ораторство и елоквенција.

Имено, мислам дека второпокренатиот обвинителен предлог од СЈО не е случајно избран, и обвинителката Фетаи тоа јасно го кажа за време на презентацијата на истиот. Многу е интересен фактот што според тврдењата на СЈО, кои допрва треба да ги докажат пред суд, насилството што се случи пред општина Центар беше нарачано за да се спречи поништувањето на спорните Детални урбанистички планови меѓу кои и Мал Ринг. Меѓутоа, за да поттикнувањето биде успешно и насилството извршено, нормално дека е потребно неетичко поведение и злоупотреба на најсуштинските чувства на лицата кои треба да извршат такво насилство. Е сега, кога на тие лица би им било кажано да извршат насилство за да не падне ДУП-от Мал Ринг, тоа не би им значело нешто многу. Меѓутоа, кога ќе им биде кажано, “Еј пазете, во Општината ќе расправаат и ќе одлучат за рушење на вашата црква која е во фаза на градба”, е, тоа е веќе друга работа која на друг начин ги загрева страстите, па така насилството добива повеќекратен интензитет. А кога се утврдува дека рушењето на таа црква не било воопшто на дневен ред ниту пак предмет на било каква расправа, е тогаш доаѓаме до морничавото сознание дека религиозните чувства на граѓаните, на мошне суптилен и добро смислен начин директно биле алчно злоупотребени од страна на високи носители на извршната власт кои за нивни лукративни и бизнис интереси ги поттикнале граѓаните да извршат грубо насилство. Дали ова изгледа како лесно казнено дело?! Не би рекла. Дури мислам дека таквото обвинение би можело да се прошири и со делата Измама член 247 на КЗ, и Предизвикување омраза, раздор, или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа од членот 319 став 2 на КЗ.

Навистина е незамислива леснотијата со која верските а и етничките чувства на граѓаните се злоупотребуваат на овој начин. Ова не е ни прв ни последен случај на вакво поведение на највисоките носители на државни функции. Е токму таквото поведение, кое упорно се повторува во оваа држава која според Уставот е мултиетничка и мултиконфесионална, става голем прашалник врз најзначајните судски случаи меѓу кои е и Монструм, за кој СЈО уште еднаш побара измени на Законот за заштита на сведоците.

Затоа, друг пат, кога СЈО ќе се појави со обвиненија, дајте ве молам да ја видиме суштината на тие обвиненија, и на делата за кои тие се покренати. Дајте да ја видиме упорноста да се изнесат вистините на виделина, дури и кога се сурови и бескрупулозни. Дајте да го видиме обидот да се рушат митовите дека премиерите не одговараат пред законот, дека политичките партии се недопирливи и надзаконски ентитети и дека правдата ги стига само најслабите а не и најодговорните. Дајте веќе да започне тој лов по вистинските криминалци.