Од:

Врховен суд: Зврлевски може да се меша во случаите на СЈО

Врховниот суд денеска донел одлука  Републичкото јавно обвинителство да може да поднесува барања за промена на одлуките на СЈО и на останатите правосудни институции во случаи поврзани со СЈО, соопшти првиот човек на Врховен, Јово Вангеловски, на брифинг со новинарите.

Токму како последица на оваа одлука, во случајот за бизнисменот Сеад Кочан, кој е осомничен во случајот „Труст“, а моментално се наоѓа во бегство, ќе значи дека Кривичниот совет на Врховниот суд има одврзани раце да ја промени мерката притвор, потврдена од Апелацискиот суд.

 

Практично, ваква ќе биде праксата за сите случаи на СЈО- Зврлевски ќе може за секој случај кога смета дека е неопходно, да поднесе барање за разгледување на барањата и одлуките на СЈО или со правна терминологија- заштита на законитоста, и со тоа, да се меша во работата на СЈО.

Барањето за заштита на законитоста што Зврлевски го има поднесено пред извесно време за притворот на Кочан- ќе биде на дневен ред на седница за една до две недели, додека претседателот на Врховен суд, Вангеловски, изјави дека се исполнети  и условите за да се одржи седница за случаите на Владимир Талески и Едмонд Темелко.

На денешната седница, судиите од Врховниот суд не донеле одлука за употребата на бомбите како докази во судската постапка. Судиите ја одложиле точката за следниот период и се договориле да побараат мислење од експерти. Предвидено е судијката во Европскиот суд во Стразбур, Мирјана Лазаровска- Трајковска, да биде повикана и да даде свое мислење за прислушуваните разговори, како и да изложи случаи кои се дел од праксата на Европскиот суд за човекови права.

Од друга страна, барањето на СЈО за изземање на претседателот Вангеловски поради негово учество во бомбите било одбиено.

На денешниот брифинг со новинарите, претседателот на Врховниот суд, Вангеловски информираше дека судијката Лидија Неделкова е изземена од случајот на СЈО, на барање на адвокатите на Едмонд Темелко и Сеад Кочан, со образложение дека нејзиниот син бил агажиран во СЈО.

Приговорите од судиите на Кривичен суд одбиени

Во однос на приговорите на судиите од Кривичниот суд во врска со новиот распоред, Вангеловски информираше дека новиот распоред е донесен согласно Деловникот на судот и од таа причина Врховниот суд ги отфрли приговорите на судиите.

Судиите од Основниот суд Скопје 1 до Врховниот суд по годишниот распоред на новиот в.д. претседател на Кривичниот суд, Стојанче Рибарев, поднесоа 17 приговори, затоа што сметаа дека распоредот не е правилно направен и судии кои со години суделе кривично, сега се распоредени да судат во Прекршочното одделение и обратно- оние судии од Прекршочно се трансферирани во Кривичното одделение.

Стојанче Рибарев, како судија на Врховниот суд со 5 месечен стаж, беше делегиран да го води скопскиот суд, но наместо смирување на страстите, тој направи полош распоред од тој на Владимир Панчевски и Татјана Михајлова заедно, што се гледа и по бројот на приговори.