Од:

Врие во ССМ, Митревски се правда дека работниците го поддржувале

Физички пресметки, обвинувања, напади, кривични пријави. Синдикалците го обвинија Митревски за насилно преземање на ССМ и најавуваат кривична пријава и за новиот министер за труд и социјална политика, Ибрахим Ибрахими. Митревски се правда: „Имам поддршка од работниците“.

Дел од синдикалците го обвинија Живко Митревски за насилно преземање на синдикатот со помош на власта, како и за организирани физички напади против нив. Тие за НОВА велат дека ќе поднесат кривична пријава против новиот министер за труд и социјална политика, Ибрахим Ибрахими и обвинуваат дека тој нелегално го штити Митревски.

Четворица синдикалци кои го обвинија Митревски за насилство денеска биле во Министерството за труд и социјална политика каде барале состанок со новиот министер, Ибрахими кој ја презема функцијата од техничката министерка Фросина Ташевска-Ременски. Барале од министерството да им го покажат решението според кое Митревски е се уште легитимен претседател на ССМ. Ибрахими не ги примил, туку биле примени од службеничка, која не им го дала решението на увид.

Дарко Димовски досегашниот в.д. претседател на ССМ, кој неодамна беше и физички нападнат во зградата на ССМ, за НОВА вели дека во МТСП им покажале документ со кој 12 претседатели на синдикати му даваат поддршка на Митревски.

„Митревски не се бира со поддршка од претседатели на синдикати, туку со седница на Совет кој има 52 советници. Од нив, 28 гласаа за разрешување на Митревски на 13-ти ноември минатата година. МТСП го поништи ова решение, но ние ќе поднесеме кривична пријава против министерот Ибрахими затоа што не може да се поништува решение со изјава на претседатели“, вели Димовски за НОВА.

Според него, фалсификатот е организиран од Митревски, кој испратил и обезбедување да ја чува зградата на ССМ. „Ние си ја тераме синдикално работата тој е партиски пион кој работи на штета на работниците. Како може еден синдикален лидер да си го тепа членството“, прашува Димовски.

Пеце Грујоски од УПОЗ вели дека Митревски е продолжена рака на власта и намерно ги прекршува законите за синдикатот да биде под нивна контрола.

Фото:Фактор

„МТСП му дале решение врз основа на писмо од претседателите на гранките кои не одлучуваат кој ќе биде претседател туку тоа го прават членовите на Советот. Ова решение не само што е неважечко, туку е и кривично дело“, изјави Грујоски за НОВА.

Поранешниот портпарол на ССМ кој сега е дел од фондацијата Фридрих Еберт, Милан Живковиќ, вели дека ситуацијата со синдикатите е загрижувачка, но не е нова.

 

Фото: greencivil.mk

„Самото непостапување по одлуката на членовите на Советот на ССМ може да значи и ограничување на правото за избирање на претставниците на работниците и кршење на Конвенцијата 87 од страна на државните органи (поточно МТСП и Централниот регистер). Ситуацијата не е добра за веќе нарушениот углед на синдикатите, но не значи дека истата не може да има добра разрешница“, вели Живковиќ за НОВА.

Живко Митревски: Членството ме поддржува!

„Поништувањето на решението на министерката Ременска и изјавите на министерот Ибрахими, јасно покажаа дека единствен легитимен претседател на ССМ е Живко Митревски избран на 19-ти конгрес. Техничката министерка Ременски направи обид да се изврши промена врз основа на фалсификувана исправа“.

Вака Митревски за НОВА ги коментира случувањата во ССМ. Тој смета дека има поддршка од членството што според него го покажал и протестот против него на кој како што вели имало „само триесетина луѓе од кои половината не биле членови на синдикатот“.

Митревски ги негира обвинувањата дека организирал физички пресметки против синдикалците кои не го поддржуваат. Митревски вели дека не се точни обвинувањата дека со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ се обидува целосно да го преземе синдикатот.

„ССМ е сериозна организација која не се занимава со интриги и манипулации, како што тоа го прават оваа група на фалсификатори. Соочени со кривичните пријави и доказите дека фалсификувале исправи прават обид да шират невистини“, додава Митревски.

Инцидентите во Сојузот на синдикатите започнаа откако на 13-ти ноември минатата година, се одржа седница на Советот на ССМ каде советниците одлучиле Живко Митревски да биде разрешен од функцијата претседател на ССМ. Конфликтот деновиве ескалираше со два физички напади врз синдикалците Дарко Димовски, Живко Даневски и Лазе Ѓорѓиески. Во превирањата се вклучи и МТСП, кое сега го води Ибрахими и донесе решение со кое поништи претходно решение со кое Митревски беше разрешен од должноста претседател и на негово место назначен Дарко Димовски.