Од:

За македонскиот јазик во и надвор од Македонија

Пишува Роза Китаноска, професор по македонски јазик и литература

Кусо видување за состојбата на македонскиот јазик од моето полнолетство до денес (хронолошки подредено):

1.Состојбата на македонскиот јазик надвор од Република Македонија.

1.1. Бројот на македонските лекторати во светот постојано се намалува! Во 2009 година: „По 40 год. работа се затвора лекторатот во Неапол. Во тешки финансиски услови и со минимална и неорганизрана поддршка од државата функционираат уште 11 лекторати.“ (преземено од http://www.dw.com/mk/македон…)

1.2. Ова е листата на центри и на лекторати по македонски јазик во странство: http://ukim.edu.mk/mk_content.php?m…, но овие информации не се стопроцентно точни! На пример, на Универзитетот во Хале знам дека не се изучува активно македонскиот јазик откако починала проф. д-р Гизела Хавранек, истакната македонистка (25.5.1950 – 7.1.2015), која претходно ја одржувала некако македонистиката, но без помош од Македонија. Значи, податоците од официјалната страница на УКИМ не се актуализирани две години.

2.„Сукцесивно мирување“ на Катедрата за македонски јазик и на Катедрата за македонска книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“

2.1. Во 2011 година сакаа да ги стават во мирување Катедрата за македонски јазик и Катедрата за книжевност. На таа бесмислена идеја реагираа професорите и студентите (http://www.utrinski.mk/?ItemID=CC98…), па тогашните министри Панче Кралев и Спиро Ристовски го повлекоа предлогот (http://www.fakulteti.mk/news/11-12-…) и ветија:

– „Не само што немало да се изврши поставување на студиските програми за македонски јазик и за македонска книжевност во мирување или намалување на квотите за упис, туку и ќе се инвестирало во научноистражувачки проекти од областа на македонистиката.“ (преземено од http://www.globusmagazin.com.mk/?It…)

– „Но, наша обврска е, исто така, да најдеме начин тие студенти што ќе ги завршат студиите да не бидат на листата за вработување подолг период, како што е сега случај“, изјави вчера Кралев.“ (преземено од http://www.utrinski.mk/?ItemID=95E6…), АМА не ги исполнија ветувањата!

Повторувам: Катедрата за македонски јазик! „Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици е првата наставно-научна институционална единица во рамките на Филозофскиот факултет, основана во 1946 година, под називот Катедра за јужнословенски јазици, со посебен Семинар за македонски јазик.“ (преземено од http://www.flf.ukim.edu.mk/makedons…).

3.Лекторски испит

3.1. Една година подоцна (2012) кандидатите, кои положиле лекторски испит во периодот од 2010 г. до 2012 г. наместо лекторски дипломи, добивале само привремени потврди дека го положиле лекторскиот испит (преземено од http://www.idividi.com.mk/vesti/mak…). Од 2013 г. до денеска (2.3.2017 г.) не е одржан ниту еден лекторски испит! Ниту еден! Очекувам одговор од Министерството за култура на моите прашања (дали имам можност да полагам лекторски испит (знам дека имам право, но дали сега имам можност да полагам), колку пати годишно се спроведува и кога последен пат имало полагање лекторски испит). Ако ми одговорат, овде ќе биде цитиран нивниот одговор.

4. (Не)вработувања во двете најзначајни иституции за македонскиот јазик

4.1. Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје: „Овде ќе се задржиме на развојниот пат на Катедрата во изминатите 10 години. Во овој период на Катедрата е вработен само еден помлад асистент, Марија Паунова.“ (преземено од официјалната страница на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, историјат на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици)

4.2. Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје: „Во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ од 1998 година нема ниту едно ново вработување на научен кадар со што се прави толку голем генерациски јаз што не сум сигурна дека некогаш ќе може да се надмине.“ (преземено од http://faktor.mk/intervju-d-r-gruev…)

5. Кога влегувам во мојот роден град, на таблата треба прво да стои натписот на македонски јазик (Кичево), а потоа и на албански (Kërçova). Не треба да биде напишано по обратен редослед. И не треба да стои само натпис на македонски или да има само натпис на албански.

НО, НЕГРИЖАТА за македонскиот јазик ме загрижува и ме боли повеќе!!! Затворени лекторати, обидот да се стави во мирување Катедрата за македонски јазик и книжевност, НЕспроведување лекторски испит од страна на Министерството за култура цели четири години, НЕинвестирање во македонистиката, НЕмање услови за напредок на македонскиот јазик во Македонија и надвор од Македонија… Вака се сака македонскиот јазик??? Ваква „грижа“ за македонскиот јазик чуму ни е???

Нејсе, Споменот по многу години од Конески е и мој спомен:

„Имав можеби неполни дваесет години

кога напишав:

„така рикаше маката во мене

дека сум роден во смачкано племе.“

И досега,

по толку долго време,

ме следи истата таа мака,

и дури поголема,

така што дури можам,

сејач на глуво семе,

да го сменам малку зборот

и да речам:

„уште рика истата мака во мене

дека сум роден во смачкано племе“.

Но сепак, се надевам дека не е туку така

што сум бил подложен на таков искус

и на таква една мака.“

Лајпциг, 2.3.2017 г.