Од:

Заборавени сограѓани: Животот на еден бездомник во инвалидска количка

Спасо Божиновски и Ванчо Спасов, двајца бездомници кои се запознаа во социјалниот центар „Дуња“ за време на зимските денови, продолжија заедно да живеат во подрумска просторија во населбата Козле.

За нив се грижат волонтери од „Дуња“, кои ја покриваат и киријата и трошоците за двајцата другари кои ги згрижија од студеното време кога институциите ги немаше. Парите кои ги трошат за оваа намена, доаѓаат од донациите кои граѓаните ги даваа во „Дуња“ кога температурите беа десетина степени под нулата.

Сега, парите се при крај, а за Спасо и Ванчо државата не нуди никакво решение, излез од состојбата во која се наоѓаат.

Спасо е 62 годишен човек во инвалидска количка со претрпени два мозочни удари и повреда на ногата, кој седум години живее на улица и се снаоѓа од милостината на скопјани.

Тој вели дека најголема среќа за него е да се врати во неговото родно село Ајватовци во општината Илинден, надевајќи се дека таму луѓето што ги познава ќе му помогнат во животот, но свесен е дека најлесен и најудобен живот ќе има во Геронтолошкиот завод за нега на стари лица во општината Ѓорче Петров.

Ванчо, кој порано бил претприемач, сега талка по улиците и бара работа. За да ги оттргне мислите од судбината, Ванчо решава судоку, за кое вели дека е „гимнастика на умот“. Тој, не сака милостина, ниту социјална помош, туку само работа.

Вели „Не сакам пари, сакам сам да си заработам. Работата е се“.

Волонтерите од „Дуња“ апелираат до Министерството за труд и социјала и до градоначалникот на општината Илинден да помогнат да се најде решение за Спасо, додека пак до бизнисмените да му понудат работа на Ванчо, затоа што парите од донациите се при крај. Има само за уште еден месец.

За одговор дали и што ќе преземат институциите се обративме до Министерствтото за труд и социјална политика од каде не упатија во Центарот за социјални работи, бидејќи работа на министерот не било да оди и да собира бездомници по пат.