Од:

Заев: Апелирам до Банките да не ја купуваат евро-обврзницата

 

Јавно апелирам и замолувам и до „Сити Банк“, и до „Дојче банка“ и до сите потенцијални купувачи на обврзницата, во името на децата на граѓаните на Македонија да не ја купуваат евро-обврзницата од 650 милиони евра,  ако сакаат да имаат разбирање за сите идни генерации во Република Македонија, изјави денеска во Охрид, на лЛетниот камп на СДММ, претседателот на СДСМ Зоран Заев.

„Слушате денеска, читате, објавена е одлука на Влада за емитување на нова евро-обврзница од 650 милиони евра. Притоа безобразието е толку големо од страна на власта, ниту се обидува да го презентира транспарентно расходниот дел на тие пари. Каде ќе одат тие пари? На купче велат за враќање на недоспеани и серфисирање на дефицитот за оваа и наредната година. Приказни за мали деца.

Тоа е недозволиво и ние ќе направиме се тоа да го спречиме.

Ова е почитувани млади луѓе  финансиско злосторство врз вас младите и тоа не смееме да го дозволиме.  Ова е нов вид на злосторство, така наречено финансиско злосторство.

Да се дрзне некој да оди вака бесрамно во ново задолжување од 650 милиони евра, ние тоа не смееме да го дозволиме“, рече Заев.

Тој апелираше власта да ја промени одлуката од 650 милиони евра на не повеќе од 250 милиони евра и ги замоли„Сити Банк“, и „Дојче банка“ и  сите потенцијални купувачи да не ја купуваат оваа обврзница ако сакаат да имаат разбирање за сите идни генерации во Република Македонија.

„ За тоа и ќе се потрудиме да имаме разбирање. Го кажувам јавно затоа што знаеме дека оваа Влада е неразумна и троши буквално забегано на глупости. Дојдено е да мора 250 милиони евра да се земат кредити, заради тоа што ќе банкротира државата. Но, 650 милиони евра ново задолжување на граѓаните, тоа е недозволиво.

За да не се случи тоа Владата треба да ја корегира одлуката и  да не биде повеќе од 250 милиони евра. Ќе направиме се да го спречиме овој процес. Ако не го спречиме преку емитување, ќе го спречиме преку неговото трошење. Затоа што и на малите деца и на врапчињата им е јасно дека оваа банда е во заминување, а државата останува на граѓаните“, рече Заев.

Тој порача дека во овој важен момент кој што се случува со евро обвзницата сака да испрати порака до сите дека секој разумен човек во Македонија треба да знае што всушност се случува.

„После вистината за Македонија, после толку граѓани на улица со месеци и месеци, после целата сериозност и трпение, дојде време оваа криза да заврши. Кризата ќе заврши со вклучување и вградување на сите нас граѓаните коишто си ја сакаме Македонија“, нагласи Заев.