Од:

Заев и Ахмети не разговарале за имиња

По нешто повеќе од два часа средба меѓу мандатарот Зоран Заев и лидерот на ДУИ Али Ахмети во седиштето на СДСМ, никој не сакаше да даде изјава за она што се разговарало. Ахмети и на влегување и на заминување не даде изјава за медиумите, туку кусо порача дека за денешните разговори за состав на новата влада партијата ќе објави соопштение во текот на денот.

И портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов најави со соопштение од неговата партија. Шилегов истакна дека се надева на брзо завршување на преговорите и формирање на новата влада.

Според Шилегов, ќе работеле прво на менување на перцепцијата и на принципите за функционирање на идната влада, а потоа ќе станело збор за конкретни лица што ќе ги водат и ќе ги организираат владините ресори.

– Сосема е небитно прашањето за ресорската распределба. Интересот на Македонија е да ги смениме принципите и да се вратиме на принципите на функционирање, а со кои граѓаните ќе ја чувствуваат владата за своја. Разговорите се во тек. Откако ќе завршат, подоцна ќе можеме да разговараме за тоа кои ресори ги добиваат. Многу е битно новата влада да функционира на сосема друг принцип, рече Шилегов.

Шилегов истакна дека ќе се потрудат што поскоро да ја договорат новата влада.

-Нема да траат 20 дена. Да избегнеме вакви штетни договори што старата власт ги потпишува, рече Шилегов, алудирајќи на договорот за изградба на нов Клинички центар кој денеска го потпиша Владата во заминување.

Тој истакна дека во преговорите ќе бидат вклучени сите партии што ставија потпис дека се дел од коалициското мнозинство во парламентот.

Од СДСМ соопштија дека теми на средбата биле принципите на соработка, реформската Влада и ЕУ и НАТО интеграциите.

-Во наредниот период ќе се интензивираат динамиката и разговорите помеѓу двете партии, вклучително и со партиите што дадоа поддршка за состав на новата Влада на Република Македонија, по што ќе се премине на конкретните решенија за ресорните министерства, се вели  во соопштението.

По оваа средба со Ахмети, следуваат и средби и преговори на Заев со другите партии од парламентарното мнозинство, односно со Движењето Беса и со Алијансата за Албанците.

Се очекува преговорите да се водат во текот на викендот.