Од:

Заев: Ќе се дознае вистината за Младенов, Нешковски, Смилковско

Повикувајќи ги охриѓани да го заокружат бројот 4 на претстојните избори на 11.декември, лидерот на СДСМ, Зоран Заев потенцираше дека коалицијата која ја предводи тој ќе победи со 5 до 10 пратенички мандати. Како што рече Заев, по промените Македонија мора да ја дознае вистината за смртта на Никола Младенов, за смртта на Мартин Нешковски, како и случаите Диво Насеље и Смилковско Езеро.

– Ветувам дека не можеме да бидеме земја ако не знаеме кој ги уби Никола Младенов, Мартин Нешковски и четирите деца кај Смилковско Езеро. Да биде откриена вистината за Диво насеље. Секоја земја има обврска се да се открие и да има правна разврска. Никогаш веќе без правда во Македонија, порача меѓу другото Заев.

Тој ја повтори идејата за бројчаник во Скопје на Порта Македонија, кој ќе врти за секое евро кое ќе биде вратено, а воедно ја повика граничната полиција да внимава кој ќе се обиде да ја напушти земјата.

– Слушам, купувале пасоши. Зошто им се? Ја предупредувам граничната полиција на 11.декември да гледа кој ќе бега. Ветив и ќе остварам, сите кои се огрешиле ќе одговараат, не само што ќе одговараат, туку и парите ќе ги вратат, рече лидерот на СДСМ.

Пред охриѓани, меѓу другото, Заев вети и развиен туризам.

– Ќе развиваме вистински туризам. За работниците во текстилната индустрија ќе им го финасираме со 30 до 50 отсто одморот ако закупат хотели во Охрид, Преспа, Дојран. Со тоа ќе го поддржиме туризмот во Охрид, порача тој.