Од:

Заев: На Иванов му даваме 10 дена да го предаде мандатот

Трајко Вељановски до вторник да му го предаде Кабинетот на Талат Џафери, а претседателот Ѓорѓе Иванов има 10 дена да го додели мандатот, изјави вечерва лидерот на опозицијата Зоран Заев во интервју за Топ Тема на телевизијата Телма. Тој истакна дека СДСМ и досега барала мирни начини за решавање на проблемите и дека веруваат дека исто така ќе се реши и овој.

Досега докажавме дека постојат многу ненасилни алтернативи. Ден, два, три, пет ќе чекаме. Новиот претседател на парламентот треба да го извести Иванов дека е одбран претседател и да го побара мандатот за парламентарното мнозинство. Ќе дадеме десет дена. Јас знам дека Иванов верува во легални начини за давање на мандатот. Тој самиот кажа дека доколку прими писмо од избран претседател на Собранието ќе го додели мандатот, рече Заев и истакна дека за вчерашните насилства во парламентот виновни се ВМРО-ДПМНЕ, а не тие и посочи дека насилства се случиле заради тоа што  „полицијата беше должа да го заштити парламентот и пратениците, но за жал тоа не го сториле“.

Тој рече дека очекува Вељановски во најкус можен рок, а најдоцна до вторник да му го предаде кабинетот на Џафери.

Без насилство, со трпение и присебност. Јас би сакал утре, иако е сабота Трајко Велјановски да му се јави на Талат Џафери и да изврши примопредавање на функцијата Претседател на Собранието. Но веројатно ова ќе се случи во вторник. Мора да се случи. Оставивме 31 ден. Знаеја дека мнозинството ќе се обиде да избере претседател. Со големо внимание и посветеност чекавме. На крајот го направивме тоа мирно, спокојно, никого не провоциравме. Па 11 години сме во опозиција, сега имаме парламентарно мнозинство и мора да формираме влада. Граѓаните не можат да чекаат, чукаат извршители на врата, мора да се исплаќаат плати, пензии, субвенции, кредити.