Од:

Заев на распит кај Зврлевски за изборни нерегуларности

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денеска е повикан на распит во Основното јавно обвинителство. Заев, заедно со уште неколку други раководни лица од партијата се повикани да дадат исказ во предистражната постапка која ја води обвинителството на Марко Зврлевски за злоупотреба на пари во изборна кампања.

Во предистражната постапка досега сослушани биле над 70 сведоци. Заев, потврди дека е поканет и дека ќе одговори на поканата и ќе се појави на распитот.

Вчера од Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција соопштија дека почнале истрага за изборни нерегуларности за време на парламентарните и претседателските избори во 2014 година.

Освен оваа истрага, во соопштението на обвинителството пишува и дека предистражна постапка се води и за предвремените парламентарни избори кои се одржаа минатата година во декември.

„Во истражните постапки опфатени се повеќе лица, помеѓу кои и поранешни високи претставници на Министерството за внатрешни работи, на локална самоуправа и носители на високи функции во одредена политичка партија. Постои основано сомнение дека осомничените како организирани групи го сториле делото преку нудење, давање или ветување на подарок или друга корист за да придобијат лица со избирачко право. Влијанието над лицата од две изборни единици, имало за цел определен начин на вршење на избирачкото право“, пишува во соопштението на обвинителството.