Од:

(ВИДЕО) Заев од Сараево: За 10-15 дена ќе има влада предводена од СДСМ

Верувам дека за некои 10-15 дена ќе има нова Влада предводена од СДСМ, изјави претседателот на Социјалдемократскиот сојуз, Зоран Заев во Сараево, каде престојува во работна посета. Тој вели дека најзначајните прашања за идната влада се усогласени, останува само со претседателите на другите партии да се договорат за ресорите, за кадрите во новата влада.

– Синоќа знам дека раководството на ДУИ донесе одлука да ги обезбедат потписите и да ги дадат, поради тоа што како второ рангирана партија бевме условени од претседателот на државата Ѓорѓе Иванов да обезбедиме потписи за да ни биде даден мандатот, по нашиот Устав тој треба да го даде веднаш мандатот. Сега се веќе обезбедени потписите за давањето на мандатот, јас верувам дека остануваат мал дел од преговорите околу формирањето на Влада, заради тоа што најзначајните прашања, а тоа се идната владина програма, платформата на социјалдемократите, платформата на албанските политички партии, законот за употреба на јазиците се усогласени. Тоа беа суштествените работи, останува да седнеме со претседателите на другите партии да се договориме за ресорите, за кадрите во делот на Владата и верувам дека за некои 10-15 дена Македонија ќе има нова Влада предводена од Социјалдемократите, изјави Заев.

На новинарско прашање дали очекува ВМРО-ДПМНЕ ќе организираат протести доколку отидат во опозиција, Заев рече дека „протести не се потребни“.

– Ако прашате некого или ако ме прашате мене, зошто да се протестира, никој не знае, дури ни Груевски не знае. Но тие најавуваат протести, а зошто? Затоа што конечно одат во опозиција по 11 години. Ако без причини решат да протестираат, тогаш нека се прошетаат по улиците, ние 11 години бевме на улица, рече Заев, додавајќи дека се отворени за разговори за сè што е во интерес на граѓаните и на опозициските партии.