Од:

Заев: Одлуките на ДИК и Управен суд се важни за да се види вистината

Веднаш по говорот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, претседателот на СДСМ, Зоран Заев во писмено обраќање до јавноста апелира граѓаните да не паднат под провокации на човекот кој 10 години ја упропастувал Македонија.

Пораката која Заев ја објави на социјалните мрежи интегрално:

Почитувани граѓани,

Да не дозволиме никакви провокации од никого вклучително и од оној што 10 години ја упропастуваше Македонија.

Неговото време заврши.

Институциите мора да си ја завршат својата работа согласно Уставот и законот. Од одлуките на ДИК и Управниот суд не зависи кој ќе формира Влада но тие се важни заради вистината и фактите. Граѓаните со огромно мнозинство гласови, повеќе од 600.000 гласаа за промени. Промените ќе се случат и тие незапирливо доаѓаат без разлика што на врхушката на ВМРО ДПМНЕ и е тешко тоа да го прифати. Промените се здрави за секоја држава така и за Македонија.

Повикувам на достоинствено и трезвено однесување.

Повикувам на трпение и воздржаност.

Повикувам на одговорност кон државата и граѓаните.

Доаѓа слобода за сите граѓани, за сите кои гласаа за промени и за сите кои беа уценети и притиснати од Груевски.

Македонија ќе оди напред. Ќе има живот за сите, вели Заев во обраќањето.