Од:

Загадувањето во партиските програми – голем проблем, мала врева

Со топло кафе и отворање на апликацијата „Мој воздух“, започнуваат зимските утра на скопјани. Дали и колку е загадено денеска е првото прашање кое сите си го поставуваме и што може да направиме за оваа состојба да се подобри, како во Скопје, така а и во другите градови.

Протести за надлежните да се освестат дека ситуацијата е алармантна имаше во Скопје, Тетово, Битола и други градови, но досега ништо не се промени. Граѓаните сега се надеваат дека можеби во предизборните програми, политичките партии ќе посветат повеќе внимание и ќе преземат мерки со кои ќе се намали загадувањето.

ВО МАКЕДОНИЈА РЕТКО КОЈ СЛЕДИ КОЛКУ ПАРТИИТЕ ИСПОЛНУВААТ

Гледајќи ги програмите на најголемите политички партии, можеме да заклучиме дека голем дел од проектите им се како да си ги препишале еден од друг. Заедничко им е и тоа дека до помала загаденост планираат да дојдат преку делење субвенции, кредити, фондови, средби со граѓани и компании, како и нивна едукација.

Голем дел од проектите што се предвидени во програмите само се развлекуваат и се ветуваат во секоја изборна година.

Петар Арсовски, политиколог, вели дека во Македонија многу ретко некој оди по програмите и гледа како и колку партиите исполнуваат.

 Програмите најчесто се само еден дел од целата политичка понуда. Најчесто кај нас тие не се многу прецизни и политичките партии не се држат многу до остварување на она што го пишува во програмата. На Запад програмите се следат многу прецизно, кај нас не е така, иако верувам дека овие избори ќе бидат исклучок. Во делот за екологијата, партиите мора да заземат генерален став, а не само во одредени делови“, вели Арсовски.

ПРОЕКТИ ИСТИ ВО СЕКОЈА ИЗБОРНА ГОДИНА

Опозицијата во својата програма „План за живот во Македонија“ пишува дека изминативе десетина години, владата на ВМРО-ДПМНЕ во трка за профит ги заборавила сите еколошки стандарди и здравјето на граѓаните, но ветуваат дека ако дојдат на власт, тоа ќе го сменат.

 „Визијата за подобар квалитет на животната средина ќе ја оствариме преку, некорумпирани институции, засилен инспекторат на живота средина, едуциран кадар, царински олеснувања, финансирање на проекти и мерки преку буџетот, ИПА фондовите и кредитите на ЕУ, Европска и Светска банка, како и преку јавно-приватно партнерство“, пишува во програмата на СДСМ.

Од таму додаваат дека за подобрување на животната средина ќе се борат преку комплетирање на законодавството и примена на акционите планови и стратегиите кои државата веќе ги има подготвено, но и преку подготовка на нови.

Во програмата на опозицијата се предвидува и ревидирање на одлуката за увоз на стари возила, нови режими на сообраќај во поголемите градови, што значително би го намалило загадувањето на воздухот, стимулација на јавниот превоз и воспоставување на Фондот за животна средина, како гаранција дека средствата добиени од такси за животна средина, ќе бидат наменети за проекти за подобрување на квалитетот на медиумите во животната средина, а нема да се користат за комодитетот на администрацијата.

Во програмата „Реално“ на ВМРО-ДПМНЕ пишува дека нивната влада посветува големо внимание на заштитата на животната средина со посебен акцент на здравјето на населението.

 „Заштитата на животната средина подразбира одговорно работење и преземање на сите чекори и мерки кои имаат цел заштита на животната средина преку концептот на одржлив развој“, пишува во програмата на владејачката партија.

Владејачката партија во „Реално“ предвидува, изградба на пречистителни станици за отпадни води, акции за справување со отпад, масовни акции за чистење, концесионер за изградба на хидроцентралите Чебрен и Галиште, кредити за финансирање на проекти од областа на енергетската ефикасност. Исто така предвидуваат и субвенции за греење со пелети, гасификација, намалување на емисија на прашина за штетни честички (ПМ 10) на ТЕЦ Битола, изработка на студии, и изградба на систем за топлификација во Битола, Могила и Новаци.

 „Една од најголемите придобивки на природниот гас е тоа што природниот гас е еден од најчистите енергенси. Студиите за заштита на животната средина покажаа дека најголеми загадувачи во Република Македонија се потрошувачите кои користат огревно дрво и слични горива кои испуштаат штетни честици во воздухот. Токму затоа делниците Скопје – Тетово – Гостивар и Штип – Неготино – Прилеп – Битола што требаше да се изградат во период 5,5 години ќе ги градиме во најкраток можен рок, односно за 2,5 години делницата до Тетово, а до Битола за 3 години“, пишува во програмата на ВМРО-ДПМНЕ.

 АЛБАНСКИТЕ ПАРТИИ НАСОЧНИ КОН ГЛАСАЧИТЕ АЛБАНЦИ 

Сличност на предвидените проекти може да се види и со партиите од Албанскиот блок, но кај нив, повеќето мерки се насочени за гласачите Албанци.

Во платформата на ДУИ презентирани се некои точки врз основа на кои се обврзува дека ќе се зачува животната средина како и дека ќе се работи на намалување на загадувањето на воздухот.

 „Обработка на државниот план за заштита на амбиентниот воздух на ниво на државата, како и на програмите за намалување на загадувањето на воздухот и подобрување на квалитетот на амбиентниот воздух. Ќе се изработката акциони планови за заштита на амбиентниот воздух на локално ниво. Конечното ќе се формира автоматскиот државен мониторинг систем и редовно одржување на системот за мониторинг на воздухот, Демократската унија за интеграција ќе инсистира на целосна имплементација на овие стандарди и законски обврски. Во соработка со локалните власти ќе се изготват конкретни планови за зелените површини во урбаните општини“, најавуваат од ДУИ.

На платформата на “Преродба на Беса” се наведени неколку фази во кои партијата ќе работи на подобрување на состојбата со воздухот во земјата.

 „Планирано е да се елиминираат дивите депонии и да се спречи нивното понатамошно појавување, кои за жал се присутни во сите области населени со Албанци. Исто така ќе се  постават филтри и ќе се бара одговорност од локалните власти во оваа насока, ќе се дисциплинираат поединци и правилници кои влијаат на уништување на различноста“, пишува во програмата „Преродба со Беса“.

Од Алијансата за Албанците изразуваат загриженост во врска со сегашната ситуација со животната средина. Од таму велат дека внимателно ја следат состојбата со загадувањето и нивна главна цел ќе биде да ја стават ситуацијата под контрола.

 „Алијансата и ќе ги охрабри сите еколошки здруженија градејќи партнерски однос со нив во насока на градење на здрава животна средина. Алијансата за Албанците ќе биде посветена со цел развојот да биде во согласност со европските конвенции во однос на обновливите извори на енергија, која опфаќа 20 отсто од вкупната потрошувачка на енергија и истовремено да не се оштетува еко-системот. “, се вели во платформата на Алијансата.

Екологистите велат дека во предизборните програми има посветено дел за екологија, но нема ништо суштинско што би можело да доведе до поголеми промени во квалитетот на воздухот и животната средина.

Екологистот од Велес, Игор Смилев вели дека Екологијата е најзапоставена, потценета и мајтап работа со која никој не се занимава.

 „Екологијата е најскапата, а најнепрофитната работа и затоа никој не сака да се занимава со неа. Во овие програми на политичките партии, екологијата и животната средна се застапени, но нема некои големи конкретни мерки. Јас не верувам дека нешто ќе се смени. Партијата на власт имаше десет години да направи нешто за поквалитетен живот на граѓаните, а наместо тоа, секоја година е се полошо. Исто може да се каже и за опозицијата која има градоначалници. Ниту тие не направија ништо, Освен гола декларација, јас не гледам ништо суштинско,“ вели Смилев.

ВО ЕУ МОЖЕ И БЕЗ РЕШЕНО ИМЕ, НО НЕ БЕЗ ИМПЛЕМЕНТИРАНИ СТАНДАРИ ЗА ЕКОЛОГИЈА

Тој додава дека ако на Македонија и остане само критериумот „екологија“ за влез во ЕУ, ќе ни требаат од 7 до 10 години за да го исполниме.

Доколку Македонија почне преговори за членство во ЕУ, еден од најголемите проблеми дефинитивно ќе бидат преговорите за поглавјето животна средина. Барем ова го покажаа искуствата на досегашните земји членки. Ова е најскапото поглавје и најтешкото за имплементација, а без етапни подготовки може да биде и катастрофално за економијата ако се сè остави за последниот момент. Но имајќи ги во предвид стандардите за животна средина на ЕУ, ова е поглавјето во кое нема „попуштање“. Дотолку што, политичките и економските критериуми, наспроти екологијата изгледаат како ситни камчиња.