Од:

ЗАМП: Министерството за култура постапува насилно без правен аргумент

Здружението за заштита на авторски музички права-ЗАМП смета дека одлуката на Министерството за култура да се стопира забраната за емитување на македонска музика е очаен и насилен чекор без правни аргументи.

Од ЗАМП велат, авторите чии права ги штителе тие не биле изненадени од одлуката и се прашувале до кога Министерството ќе постапува незаконски за по секоја цена да ги задржи телевизиите и радијата како свои партнери.

–  Се што смислија е уште еден очаен чекор кој не се потпира на ниту еден правен аргумент ами единствено на аргументот на силата. Авторите чии права ги штити ЗАМП не се изненадени од ова најново незаконско постапување на надлежен државен орган. Само се прашуваат до кога Министерството ќе јава на беззаконието, за по секоја цена да ги задржи телевизиите и радијата за свои партнери, реагира ЗАМП.

Оттаму потенцираат дека во Решението за запирање од извршување е без образложение – голо и босо, Министерството за култура се повикува на Записник за извршен надзор во кој пак, се повикува на одредбата од чл.157 ст.1 од Законот за авторските и сродните права (ЗАПСП) со кој е предвидено доколку во спроведување на надзор над акти на организации Министерството за култура оцени дека не е во согласност со Законот, Статут или акт за основање, ќе донесе Решение со кое ќе го запре од извршување и ќе поведе постапка пред надлежен суд за оцена на законитоста на актот.

ЗАМП реагира дека Министерството прави намерна „грешка“ и не поведува постапка пред надлежен суд за оцена на законитоста на актот туку, спротивно на законот, упатува тоа да го направи Здружението.

Оттаму дополнуваат и дека Записникот за извршен надзор кој е во прилог на Решението, бил изготвен спротивно на одредбата од членот 65 од  Законот за општа управна постапка во просториите на МК, а не во просториите на ЗАМП, со потписи само на вработени лица од Министерството за култура.

– Авторите преку ЗАМП ќе ги преземат сите потребни правни дејствија за да си ги заштитат своите права и ќе поведат постапка против Решението на Министерството за култура. Поради незаконските  одлуки на Министерството за култура и евентуалните повреди на моралните и материјалните права на авторите, препорачуваме трговските радиодифузни друштва да продолжат да се придржуваат до одлуките на авторите на ЗАМП се додека судот не донесе правосилна судска одлука или додека авторите во ЗАМП сами не ја стават вон сила забраната за јавно емитување музика, апелира ЗАМП.



Comments are closed.