Од:

Западен Балкан усвои Акциски план за економска интеграција – МАП

Шест земји од Западен Балкан, меѓу кои и Македонија, поддржаа повеќегодишен Акциски план за регионален економски простор на Западен Балкан (ЗБ 6), наречен МАП (MAP), соопшти Регионалниот совет за соработка (РСС), кој е овластен да го следи целиот процес.

Сoгласноста е искажана денеска на самитот во Трст, меѓу ЕУ и ЗБ 6, каде што присуствуваа премиерите на Македонија, Албанија, Косово, БиХ, Црна Гора и Србија, од една страна и и највисоки претставници на ЕУ од друга.

МАП има за цел да овозможи „непречен проток на стока, услуги, капитал и квалификувана работна сила“, со што регионот би требало да биде поатрактивен за вложувања и трговија и да го забрза приближувањето кон ЕУ на земјите потписнички.

Со МАП се предвидени мерки за приватниот сектор да може да се реализира на пазар од приближно 20 милиони луѓе и да се насочи кон модел на регионален раст со долгорочни стапки. Мерките се фокусираат на:

-Промовирање на натамошна трговска интеграција

-Воведување на динамичен регионалeн простор за инвестиции

-Олеснување на регионална мобилност

-Создавање на програма за дигитална интеграција

Надгледување на напредокот и реализацијата на МАП му е доверена на Регионалниот совет за соработка, меѓувладино оперативно тело на Процесот за соработка во ЈиЕ, со седиште во Сараево и на Секретаријатот на ЦЕФТА.

Генералниот секретар на РСС Горан Свилановиќ изрази задоволство што „од шесте лидери и од ЕУ, добиле задача да го надгледуваат процесот“.

„Шесте лидери на Западен Балкан изразија целосна определеност за спроведуввање на МАП. Ова ќе даде силен поттик на процесите на пристапување во ЕУ врз основа на индивидуални заслуги, целосно ќе го забрза исполнувањето на економските критериуми од Копенхаген и ќе ослободи поголеми економски потенцијали“, изјави Свилановиќ.

Во соопштението се наведува дека, „Лидерите на Западен Балкан 6 ги повикуваат меѓународните организации и донаторите кои ги поддржуваат реформите во областите што ги предвидува МАП, своите програми за помош да ги сообразат со МАП. За таа цел, до крајот на 2017 година треба да се организира Конференција посветена на координација на донаторите“

Самитот во Трст беше четврт самит во рамките на Берлинскиот процес кој го поттикна регионалното поврзување и пристапот кон ЕУ.