Од:

Завршување на кризата: Меѓународната заедница да помогне

Наредните избори не треба да се одржат само за да се рече дека се одржале туку треба да дадат решение на институционалната криза во земјава. Ова е една од главние пораки содржана во анализата под името „Завршување на кризата во Македонија: Кој е возачот?“, изготвена од Никола Димитров, поранешниот амбасадор на Р.М. во Холандија, Ивана Јордановска и Дане Талевски.

Во неа се посочува дека ако пред 10 години Македонија беше лидер во реформскиот процес, денес  таа постојано се движи назад на речиси секој политички критериум за влез во ЕУ.

Авторите се навраќаат на реформите претпоставени со Договорот од Пржино за кои велат, беа имплементирани нецелосно, а некои од нив беа тотално блокирани со што се стави под знак прашање одржувањето на изборите на 24. април.

– Јасно беше на почетокот дека Договорот постигнат со покровителство на ЕУ страда од два големи предизвика. Најпрво оние кои правеле грешки во највисокото ниво на власта се очекува да работат во добра волја на сопственото паѓање. Наивно е да се очекува да го оспорат својот авторитаризам со што би дозволиле од тоа да произлезе одговорност како и фер поле за изборите. Затоа беа потребни вниманието и притисокот од Меѓународната заедница за да се одржува процесот, се вели во анализата.

Тие посочуваат дека втората клучна работа е што датумот за предвемените избори беше договорен од партиите без претходно да бидат договорени клучните параметри, како што на пример се уште нема договор за балансирано известување од страна на медиумите.

Оваа анализа, Димитров на денешниот брифинг со новинарите информираше дека била испратена до меѓународната заедница, а која тие велат, треба да воспостави директен пристап за случувањата во Македонија.

– Да се дозволи уште едни нерегуларни избори би било погрешно за да се реши длабоката институционална криза. Напротив, истата може само да ги продлабочи, порачуваат авторите, кои додаваат неколку предлози со кои Европа во оваа историска шанса треба да осигура дека долгорочните цели зацртани со политичкиот договор бидат во целост исполнети, со тоа што ќе ги приоритизира клучните реформи за изборите да бидат кредибилни.

Тоа подразбира поддршка за Специјалното обвинителство, вклучувајќи и меѓународно набљудување на неговата работа, надљудување на работата на судовите а така би се испратила моќна порака до сите политички елити на Балканот.

Предлозите: На краткорочен план, крајот на институционалната криза и враќањето на демократијата зависат од тоа дали ќе има кредибилни избори.  Во спротивно, би му се дало шанса на корумпиран и авторитарен режим да се соземе и да ја засили својата политика.

Ново одложување: Прочистувањето на Избирачкиот список нема да биде завршено до 7. aприл. За да се осигура исполнување на критериумите за кредибилни избори, потребен е директен меѓународен пристап, односно ЕУ и САД треба да направат нова проценка дали се исполнети стандардите за кредибилни избори.

По таа проценка треба да има цврст притисок да се испорачаат медиумските реформи а доколку нема услови, потребно е ново одложување на изборите

-Ако владејачките партии инсистираат на избори без кредибилни стандарди, ЕУ треба да размисли дали да ги легитимира тие резултати и соодветно на тоа, да преземе мерки, се порачува во анализата.

Во однос на одржување демократски и слободни избори, во пораките на меѓународната заедница стои:

ЕУ и САД треба да назначат специјален претставник во Македонија со мандат до конституирање на новиот Парламент. Тој да биде во тесна соработка со евроамбасадорот во Скопје, со амбасадите на земјите – членки на ЕУ и САД, како и ОБСЕ.

-Треба  да се набљудуваат одблизу злоупотребите на институциите, селективното трошење на ресурсите и застрашувањето на гласачите (од јавната администрација).

-ЕУ и САД треба да ги поддржат граѓанските организации кои имаат докажано објективно набљудување и да им помогнат во нивните мисии.

-ЕУ и САД поддржани од ОБСЕ/ОДИХР треба да работат со ДИК, за да го надгледуваат трошењето на партиите за време на изборните кампањи, односно да осигураат финансиска транспарентност.

-ЕУ и САД поддржани од ОБСЕ/ОДИХР треба да работат со ДИК за балансирано медиумско известување. Потребна е соработка со јавниот сервис, но исто така треба да се оствари врска со приватните медиуми. ЕУ и САД треба да извршат притисок врз политичките партии да учестуваат на ТВ дебати на различни станици.