Од:

Збогум автокрaтијо!

И докторите, се свестија. Барем некои од нив. Но, од нешто и од некого мора да се почне. Минатата недела присуствував на моменти кога ситуацијата од македонското Собрание се пренесе и при изборот на претседател на Собрание на Лекарска комора. Немаше физички пресметки, скраја да е,  но со притисоци и закани беше опструиран изборот на претседател на Собранието.

Во затегната атмосфера, неколку часа траеја опструкциите, а гласањето го оневозможија група на доктори поддржувачи на една од кандидатките која претендира да застане на чело на Лекарската комора на Македонија.

Лекарите кои го сочинуваа скоро половина од гласачкото тело го кочеа, по што  и го бојкотираа изборот за претседател на Собрание на комората. Сите во салата знаеја дека обидот за задушување на изборното Собрание дојде од „горе“. Звонеа телефони, имало закани и притисоци, по што оваа група лекари ја напушти салата. Присутните потврдија дека работодавците им се заканувале дека ќе ги отпуштат од работа ако гласаат. Особено силен притисок имало од една приватна болница чиј газда е близок до партијата на заминување. Тоа е последниот грч!.

Изборот сепак, се случи. Легално. Собранието на комората си доби раководство, со 35 гласа „за“од вкупно 69 делегати. Во салата со ракоплескање беше поздравена една средновечна докторка која со скршена нога дојде од дома специјално за да гласа. Нејзиниот глас беше пресуден. Присутните доктори им покажаа среден прст на партиските притисоци. Мал чекор за големи промени.  Збогум автократијо!

За неколку дена треба да се случи изборот на новото раководство. Гласањето е  тајно. Верувам дека тогаш од стегите ќе се ослободат и тие што избегаа пред некој ден од салата. Се надевам дека ќе гласаат по слободна волја, за кого сакаат, а не за кого им е наредено. Со тоа ќе им покажат и на газдите дека се авторитети кои спасуваат животи, а не само полначи на нивните каси.

Изборот е тесен, во игра се две кандидатки. Едната е заменичка на досегашниот претседател и прилично активна во редовите на ВМРО ДПМНЕ. Нејзиниот „табор“ го напушти гласањето пред некој ден. Втората кандидатка јавноста ја памети како секое утро на минусни температури беше во првите редови, цели 52 дена додека траеше штрајкот на лекарите на скопските клиники. Се протестираше против лошите реформи на министерот Тодоров. Трет кандидат засега нема.

Старото раководство цела година не распишуваше избори. За тоа време си донесоа нов статут, правилници, закони, си вработија блиски роднини.

Затоа изборот на ново раководство е многу важен за лекарската фела, но и за пациентите. И за демократските процеси, се разбира. Од тоа ќе зависи дали и како ќе се штитат интересите на еснафот, за подобри закони, услови за работа, за борбата младите лекари да не заминуваат во странство, на вистински начин да се третираат претставките на пациентите.  И конечно, колку е можно партиите и политиката да се тргаат на страна. Сега е моментот!