Од:

Здравствениот систем што ги убива своите граѓани

Таткото на моја пријателка, активистка и борец за човекови права ќе умреше на една скопска клиника, ако ќерка му не го однесеше да се лекува во приватна болница.  Пензионираниот 62 годишен полицаец за влакно ја избегна смртта на  Клиниката за торакална хирургија иако операцијата со ампутација на ногата хирургот ја извршил како што треба.
 
Поради нехигиената и немањето услови за постоперативна нега,  Стојко Голубовски помина осум дена на интензивна нега, приклучен на апарати за одржување на живот бидејќи од Торакална хирургија излегол со тешка пнеумонија и еден куп болнички бактерии добиени таму.  
 
Тој сега полека ја добива битката за живот, но лекувањето во приватната болница досега ги чини околу 11 илјади евра. Еден дел успеале да платат, за другиот собираат донации, зашто Стојко со скромната плата или пензија како полициски службеник не може да си го плати лекувањето во приватната болница.
 
Овој човек кој води битка  со артериосклерозата, дијабетесот, со извршени две ампутации и бај-пас на десната нога, цел живот плаќал за здравствено осигурување. Сега кога на него му е потребно лекување, мора да плати од сопствениот џеп.
 
Каков е овој здравствен систем што не им нуди на луѓето сигурност во лекувањето? Зошто граѓаните се помалку имаат доверба во јавното здравство? Причини има многу.
 
Пред шест години еден познат нефролог ме викна во неговиот кабинет и ме праша дали знам, дека мојот(сега покоен) татко кој беше хоспитализиран на Клиниката за нефрологија може да умре бидејќи добил тешка инфекција од катетерот кој во болницата во Кавадарци му бил ставен нестручно и наместо кеса или капаче за затворање на другиот крај, го оставиле отворен. Всушност, професорот  ме викна за да ме подготви на најлошото. Татко ми тогаш помина низ агонија, а со помош на силни антибиотици успеа да преживее, тогаш имаше среќа. Но колку од пациентите немале?
  
Малку е познато дека на клиниките и во  македонските болници пациенти умираат не од болеста од која отишле да се лекуваат или од извршената операција. Докторите,  пациентите често ги губат заради интерхоспитални инфекции, односно поради опасни бактерии кои виреат во болниците, поради немање услови за постоперативна нега и нестручен болнички кадар, нехигиена. Но, за тоа не се зборува во јавноста.
 
Некој ќе каже дека тоа може да се случи секаде во свет. Можеби, но таму ги менуваат креветите и душеците на секои пет години, се фарбаат sидовите, се дезинфицираат апаратите, се уриваат цели болници ако треба. Болничарите не се пратени од Македонски шуми по партиска линија, како овие на клинички,  и не бараат 200 денари од пациентот за да го однесат со количка на снимање на рентген, туку професионално си ја вршат работата.
 
Болниците дојдоа до таму што нема пижами за пациентите, а  чаршавите на креветите се искинати и со флеки од крв. Одделението за гинекологија во болницата во Штип, на пример се распаѓа, а родилките раѓаат во услови каде што има опасност од инфекции. Така е и во тетовската болница. Во Кавадарци еден гинеколог врши породувања и на родилките од Неготино и на тие од околните села. Лекари специјалисти нема, а огромната зградата на болницата се распаѓа. Во Македонија, во 21 век, родилки и нивните бебиња умираат од сепса, од неодговорни  и пијани доктори.
 
Каква е таа стратегија кога наместо да се обезбедат  основни хигиенски и просторни услови,се ветуваат милионски суми за нови болници?
 
Колку за илустрација, токму во болницата во Штип е набавен линеарен акцелератор, а болните лежат на искинати чаршави и душеци. Каква иронија.
 
Но, власта се фали со големиот тендер за медицинска опрема со која ги наполнила болниците.  Да, од 2007 ма до 2015 та година од буџетот на државата беа потрошени 120 милиони евра на нова медицинска опрема и уште толку на реконструкција и изградба на болници.
 
Прашање е што се реконструираше  кога sидовите во болничките соби се урнисани и кријат опасни бактерии? На што се потрошија парите на граѓаните ?
 
Што се однесува до опремата, јавна тајна е дека во некои болници апаратите нема каде да се приклучат, нема обезбедено ниту просторни услови, па многу од опремата стои во подрумите, нераспакувана. Во голем дел таму каде што е монтирана, нема кадар кој ќе работи со неа.
 
Пред повеќе години кога беше друга партиска гарнитура на власт и слободно можевме да истражуваме, дознававме доколку само за еден апарат се земеше провизија.  Сега се набавија илјадници апарати, ама процентите од провизиите кои ги даваат фирмите, останаа тајна. Се разбира, тендерите ги прави одбран тим во кабинетот на министерот Тодоров. Дури им ги земаа и тендерите на болниците за да немало договарања во четири очи. Колку очи договараат тендери сега?
 
Ревизорите уште минатата година констатираа дека поради нередовно плаќање на ратите од страна на Министерството за здравство, доцнела испораката на опремата, а на голем дел од апаратите им истекол гарантниот рок уште пред да бидат пуштени во употреба.
 
Ете, какви апарати пуштал во употреба министерот Тодоров. Се сечеле ленти за апарати за кои нема приклучок во системот или на кои им истекол гарантниот рок. Сето тоа, само за пред камери! А, кога ќе се спушти завесата останува прашањето колку чини поправката на некој дефект од скапите апарати кои ни ги набави Владата, со наши пари. Е, за тоа нека му ја мислат директорите на болниците.  И така буџетите им се мали, устите им се затворени, а главите наведнати. Не смеат да писнат и затоа нека се снаоѓаат!
 
А, нови апарати нема секаде. Директорот во велешката болница, на пример,  нема доблест да го потсети министерот Тодоров дека е неопходна нова апаратура за Урологија за која две години им вели дека е порачана. Таму, во операционата сала пред десеттина дена за малку ќе изгорел цел медицински  тим заедно со пациентот бидејќи  од амортизираната и 16 години стара апаратура удира струја. 
 
Ете, во такво здравство се лекува овој напатен народ кој цел живот одвојувал за здравствено осигурување, за еден ден кога ќе му треба да може да се лекува достоинствено. Разочарувањето е огромно кога луѓето ќе сфатат дека нема ништо од тоа, ако немаат пари за да може да се лекуваат во приватните болници. Тоа е тој систем, лицемерен, бетониран и украсен со фасади, а внатре труе и се распаѓа. Тој здравствен систем ги лаже и мами своите граѓани тогаш кога им е најтешко, кога бараат спас, во моментите на болест, кога се работи за живот или смрт.