Од:

Здравство какво што не треба

Македонското јавно здравство со месеци, со години колабирано и на расклатени нозе, деновиве  падна во длабока кома. Клиниките на кои се примаат итни случаи, тешко болни останаа без лекови , а на ортопедија хирурзите не можеа да оперираат, операционите сали беа затворени,  операциите откажани. Без основни лекови, антибиотици, инфузии и друг неопходен медицински материјал останаа Клиниките за трауматологија, ортопедија, анестезија, реанимација , интензивно лекување и Ургентен центар. И не само лекови, таму од ноември немало нарачки и за средства за хигиена. Тоа се случува  во највисоките  здравствени установи во државата, во Универзитетски клиники каде што се праќаат најкомплицирани и најтешки случаи, каде што се оперира  со полна пареа.

На КАРИЛ, таму каде што се хоспитализирани најтешко болните снемало тубуси. Тоа с е тие мали пластични цевчиња, за кои ние лаиците за медицина многу малку знаеме. Тоа се цевчиња кои спасуваат живот при реанимација,  преку кои што дишат пациентите во кома кои се приклучени на апарати. Некој дозволи таму каде што лежат пациенти од сообраќајни незгоди, тешко повредени луѓе, набавките да доцнат. Како да гледаме филм кој не го разбираме. А, тие што го ставиле во опасност животот и здравјето на пациентите, тие се разбираат самите себеси. Браво, одличен проект! Здравство, кое е меѓу 20 те најдобри во Европа!

Секојa од овие клиники има раководител, а ги менаџираат двајцата директори за кои лекарите објаснуваат дека  никако не можат да се договорат за тендерите. Затоа и не можат дa се реализираат. Еден од нив, упорно тврдеше дека операционите сали функционирале нормално, дека лекарите оперираат, ги имале  и сите неопходни лекови. Во цела таа драматична и застрашувачка ситуација, тој човек од кого лекарите бараа да ги потпише набавките за лекови, се правдаше дека доцнењето било резултат на лошата комуникација меѓу раководителот и клиничката аптека. Село гори, баба се чешла!

Кого го интересира нивната комуникацијата? Пациентите си плаќаат здравствено осигурување и не ги интересираат интерните работи на клиниките.  Она што е важно,е дека на овие клиники беше ставено во опасност здравјето и животот на пациентите.  А, за таква работа се одговара пред законот!

Лекари од КАРИЛ ми објаснуваа како се снаоѓале за тоа време, дека импровизирале со пациентите. Со тие во кома, на апарати за дишење. Има ли пострашно од тоа? А, што е со раководителите, дали тие одлучуваат нешто? Треба ли да алармираат во таква ситуација? Освен што пишуваат писма и молат за лекови, во моменти пред целосно запирање на работата на хируршките клиники.

Раководителката на горе посочената клиника во телефонски разговор ми тврдеше дека се  е во ред, дека имаат се што им треба, дека ја гарантира безбедноста на пациентите. Всушност, ми рече дека „што има да ме интересира тоа, дека ќе одговори, ама ако сака “. Како на пазар. Кого всушност штити оваа докторка? Себе или тие што ја поставиле? Пациентите очигледно, не. Ја стави во залог професионалната стручност и своето реноме, за да заштити туѓа неодговорност. Што е со транспарентноста, со комуникацијата со новинарите?

Зарем вакво здравство сакаме? Болници во кои ќе импровизираат над нас или нашите блиски. Здравство во кое лекарите се плашат да проговорат јавно, каде хирурзите и проминентните професори кои спасуваат човечки животи се помали од партиски поставените директори. Здравство кое запаѓа во кома, а тие не успеваат да го реанимираат. И продолжуваат да чекорат со наведнати глави. До некое следно утро кога повторно ќе снема лекови и ќе престанат да оперираат.