Од:

Жерновски до општина Чаир: Зошто поставувате споменици во Центар?

Градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски во допис до општина Чаир прашува зошто  се поставени спомен обележјата ноќта помеѓу 21 и 22.05.2016 година на територија на Општина Центар – Скопје?

Жерновски прашува кој е ангажманот на општина Чаир околу поставувањето на спомен обележјата и според кој закон таа општина  асистира или дава логистичка поддршка за спомениците во Центар.

-Го доставуваме ова барање до Вас, со цел да добиеме информации за Вашиот ангажман околу поставување на спомен обележјата кои беа поставени ноќта помеѓу 21 и 22.05.2016 година на територија на Општина Центар – Скопје. За поставувањето бевме известени од медиумите, иако како ЕЛС сме носители на договорот за набавка на истите.Имено, Вие како општина, издадовте соопштение до медиумите дека давате логистичка поддршка за поставување на спомен обележјата.

За да може Општина Центар да ги извршува своите законски надлежности и да постапи согласно Договорите за јавна набавка за лиење во бронза на спомен обележјата, склучени уште во 2012 година, Ве молиме да ни ги доставите следниве информации: Во кој дел Општина Чаир – Скопје имаше свој ангажман околу поставувањето на спомен обележјата; Согласно кој Закон и кои Законски надлежности, Општина Чаир асистира или дава логистичка поддршка за поставување на спомен обележја на територијата на Општина Центар, стои во дописот на Жерновски.

Викендов беа поставени два од трите споменици на истакнати албански личности кои се дел од „Скопје 2014“. Споменик на писателот Пјетер Богдани беше кренат во паркот „Жена борец“, а во близина на театарот, покрај кејот на Вардат се издигна споменикот на албанскиот културен деец и католички свештеник Јосиф Багери. Споменикот на Неџат Аголи, кој требаше да биде поставен на плоштад, до зградата на „Телеком“ ќе биде поставен наредниве денови.