Од:

Жители на Стајковци револтирани на Премиерот: Не ни требаат парадирања

Дел од граѓаните на Стајковци својот гнев од калта која три дена веќе ја собираат од своите домови, го насочија кон премиерот Емил Димитриев, кој денеска го посети селото.

Граѓаните кои живеат во понепроодни места и каде улиците се неасфалтирани, поминуваат само со трактори или други теренски возила. Тие велат не им се потребни “парадирања со машни пред камера“ на надлежните, туку физичка рака која ќе им помогне да ги исчистат водата и калта кои им ги растуриле домовите по невремето.

Тие им се благодарни пред сѐ на волонтерите и на војската, но потенцираат дека потребна им е и механизација од надлежните институции, не само кратковремена помош чистејќи со лопата по неколку минути.

Улицата 11, која ја посети НОВА на покана на жителите, е во многу лоша состојба а за секое поминување до пунктовите за вода кои се на сред селото, жителите треба да поминат низ кал, тиње и матна вода. Граѓаните се дополнително во очај и поради тоа што речиси сите се земјоделци, а нивните ниви претрпеле огромни штети и стравуваат дека воопшто нема да имаат род и покрај вложените средства за обработка.

Премиерот Емил Димитриев за време на неговото консултирање со министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, собраните граѓани во селото ги информираше дека во моментов се формираат комисии како на општинско така и на градско и државно ниво кои во најскоро можен период ќе извршат проценка за штетите.

Тој апелираше на стрпливост поради временските услови, кои рече, дополнително го отежнуваат процесот на реставрација на Стајковци и регионот но дека за разлика од вчера, денес напреднале во работата на терен.



Comments are closed.