Од:

ЖИВОТО БЛАТО НА АЛИ АХМЕТИ

  1. За да обезбеди било какви права за било кого во Македонија Али Ахмети прво треба да ги даде клучевите од кафезот во кој заедно со Груевски ја заробија државата.

Сите барања во Платформата на албанските политички партии, вклучително и она конфузно барање за Декларација на осуда на геноцидот, може да се сметаат за легитимни. Тоа е нивно право да побараат што сметаат дека е важно за нив и за интересите на Албанците во Македонија. Сепак, добар дел од барањата како на пример она за промена на Уставот или компромис за името можат да бидат разгледани како сериозни во услови на едно демократско општество во кое постојат и се гарантирани сите права и слободи кој би овозможиле зрела, аргументирана и продуктивна јавна дебата во која ќе можат да се слушнат без предрасуди аргументите на сите кои ќе се вклучат во таа дебата. Тоа е единствениот начин да се стигне до решенија кои навистина ќе обезбедат подобри услови и перспективи за сите граѓани на Република Македонија.

Во актуелните околности кои ЕУ ги резимираше со мошне експлицитен, кус и звучен назив „ЗАРОБЕНА ДРЖАВА“ нема никакви услови да се разговара за прашањата кои Платформата   ги истури во јавноста. Вака презентираните барања од иницијаторот на Платформата, Али Ахмети укажуваат или на негова политичка примитивност и интелектуална импотентност да ги разбере механизмите на демократијата и демократските општества и ваквите барања ги смета како прашање на договор меѓу „поглавиците“ во кои ‘индијанците“ немаат свој збор или пак документот му е потребен за дневно политички маневри во пресрет на преговорите за состав на новата влада но и за спас на неговиот драстично урнат кредибилитет како политички лидер. Во двата случаја Али Ахмети најмалку води грижа за интересите на граѓаните Албанци како што тој сега сака да се прикаже.

Али Ахмети ја има последната шанса да им се извини на Албанците и на сите други граѓани со прифаќање на одговорност дека учествувал директно или индиректно во операцијата на Груевски за „заробување на државата“  а со тоа и на перспективите и иднината на сите нејзини граѓани. Тоа може да го направи само ако стави јасно на знаење дека негово приоритетно барање е ИТНО враќање во живот на основните принципи на владеењто на правото, обезбедување на елементарните предуслови кои ќе овозможат функционирање на институциите и демократските механизми загарантирани со Уставот и законите на државата. Воедно во овие приоритети наместо блентави барања за некакво „непристрасно“ работење на Катица Јанева потребна е целосна поддршка за сите нејзини барања со цел да се спречат леталните метастази на корупцијата која ги загрозува основните интереси на сите идивидуи, колективи или било какви заедници.

Само со вакви барања кои ИТНО би се спровеле Али Ахмети може да се пофали дека ќе обезбеди простор во кој сериозно и продуктивно би се расправало и одлучувало за сите други барања содржани во оваа Платформа.

За да обезбеди било какви права за било кого во Македонија Али Ахмети прво треба да ги даде клучевите од кафезот во кој заедно со Груевски ја заробија државата.

Првиот обид на Али Ахмети е прочитан и му служи само да потоне уште некој сантим повеќе во живото блато низ кое го шета Никола Груевски.