Од:

Жртви на здравствениот систем

Една млада жена, мајка на седумгодишно дете пред  извесно време ми се обрати за совет. Бараше спас за себе изгубена меѓу лавиринтите на здравствениот систем и суетите на некои лекари. Таа ми раскажа дека била оперирана на една од скопските клиники, но бидејќи операцијата не била добро направена  се бореше со компликации. Рече дека не можела да добие конзилијарно мислење за втора операција, но, најстрашно од се беше што при операцијата била заразена со болничка бактерија.

„ Се надевам дека ќе можете да ми помогнете некако бидејќи времето минува, а мене не ми е подобро“, рече. На крај сепак одлучи да чека одговор на претставката која ја пратила до Министерството за здравство. Пред некој ден ми се јави непозната девојка. Се престави дека и е роднина на младата жена, знаела дека комунициравме. „Ја изгубивме пред една недела, почина“, ми рече. Не успеала да се избори со инфекцијата која ја добила во болница.

Тоа се потресни моменти. Слушам и не можам да поверувам. Починала од болничка бактерија. Имаше само 27 години. Операцијата била направена во приватна болница и се било во ред, но со бактеријата не успеала да се избори. Девојката ми раскажа дека во приватната болница операцијата и престојот биле со комплетна заштита на медицинскиот персонал и останатите пациенти, а таа била во изолација. Неколку пати била правена дезинфекција бидејќи бактеријата се всадила и во sидовите, а болничката соба била пломбирана се додека резултатите не покажале дека е комплетно исчистена и дезинфицирана.

„Така беше во приватната болница, а на клиника таа престојуваше без никаква заштита заедно со други пациенти кои беа во кома“, ми рече девојката.

Страшно е навистина!

Во 21 век во Македонија огромен број пациенти умираат од бактерии со кои се заразуваат во болниците. Одат да се лекуваат од едно, а умираат од болнички бактерии.  Семејствата најчесто не се ниту свесни за тоа.

И во развиените земји ги има овие болнички бактерии, но светот се бори да ги сведе на минимум.

Во Македонија нема податоци колкав е процентот на пациенти кои се заразиле со опасни интерхоспитални бактерии бидејќи за тоа никој не води сметка, нема статистика. Но, од она што може да се слушне во разговор со медицински лица кои ја познаваат оваа проблематика, процентот е многу голем. И најстрашно од се е што нема одговорни лица кои ќе водат грижа за внатре болничките бактерии, како да се искоренат, како да се заштитат пациентите, медицинскиот персонал. Ништо од тоа нема. Нема стратегија!

Се вработуваат млади медицински сестри кои немаат поим од се ова. Таму каде што лежат пациенти во кома нема одговорно лице за оваа проблематика. Се е провизорно.  Министерот Тодоров пак, во целиот изминат период не се загрижи за ова, туку ги учеше на  хоспиталната култура. За односот пациент, лекар. За дрес код на облекување. А, луѓе, деца умираат од  опасни бактерии кои ги има во болничките соби, операционите сали, ходниците. Се пренесуваат од клиника на клиника.

Не е тајна меѓу вработените дека во болниците виреат  резистентни соеви на бактерии кои се отпорни на сите антибиотици. И кога еден истоштен организам со намален имунитет после операција или сообраќајна незгода ќе го нападне една таква бактерија, тука нема спас. Немам медицинско образование, но се изнаслушав за овие работи од медицински лица.

Во една прилика пред повеќе години влегов со камера на КАРИЛ за да и преставам на јавноста што се случува. Таму со опасна болничка инфекција се бореше еден ранет полицаец кој беше во кома. Директорката збунета постојано ми го покажуваше течниот сапун и средството за дезинфекција за рацете во ходникот. Како тоа да е решение на проблемот. И никогаш не ми прости затоа што ја кажав вистината, поважно и беше да си го задржи директорското место. Но, до кога ќе се кријат работите под тепих? Кога ќе почне да се работи на ова? За човечки животи се работи. И за проблем кој не смее да се премолчува. За да не биде предоцна. Како за младата жена која го изгуби животот како жртва на ваквиот несреден здравствен систем.