Од:

ЗНМ: Намерата на менаџментот на МПМ е полека да ги згаснат весниците

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) е сериозно загрижено поради опасноста Медиа принт Македонија (МПМ), која поседува четири весници, еден магазин и еден интернет портал, да оди под стечај.

-Намерата на сопствениците и менаџерите на МПМ не е да ја решат кризата во компанијата, туку полека да ги згаснат весниците преку постојано отпуштање на новинарите. Тоа не претставува само кршење на работничките права на новинарите, туку е и удар врз слободата на медиумите.Обидите за преземање на дел од вработените во новата сестринска фирма преку огласи претставува понижување за новинарите и опасност за отпушање на неподобните, се вели во соопштението.

Според ЗНМ, менаџментот нема храброст да признае дека неуспехот на компанијата е негов неуспех и наместо да ги отстранат причините што ја преизведоа кризата, тие брутално се пресметуваат со новинарите.

Од Здружението се децидни дека драстичното намалување на тиражите на весниците и на приходите од огласи е поради погрешните политики на менаџментот на компанијата, кои преку послушни уредници некритички ги поддржуваа политиките на владеачката партија, ВМРО-ДПМНЕ.

– Тивкото пропаѓање на МПМ е најдобар пример дека партискиот печат во Македонија нема иднина. Само слободното и професионалното новинарство може да создаде самоодржливи медиуми, кои одговорно ќе ја одиграат нивната улога во демократијата, да ги информираат граѓаните и да ја контролираат власта, се вели во соопштението.

ЗНМ се солидаризира со Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници во нивните барања да се почне дијалог помеѓу синдикатот и менаџментот на МПМ со цел изнаоѓање на одржливо решение во интерес на сите.