Од:

ЗНМ: Состојбата во медиумите се влошува по сите основи

„Со жалење можеме да констатираме дека состојбата со слободата на медиумите минатата година се влошува во сите индикатори на истражувањето, како што е медиумско законодавство и нејзина имплементација, вкупната професионална, економска и социјална состојба на новинарите како и нивната безбедност“, изјави претседателот на Здружението на новинарите на Македонија на презентација на последниот извештај за слободата на медиумите во Македонија.

Според извештајот, владата ги користела сите инструменти да ја ограничи слободата на говорот и да ги контролира медиумите.

„Таа во однос на медиумите применува политика на стап и морков. Послушните медиуми ги наградува со јавни пари додека новинарите што ја критикуваат постојано ги напаѓа и ги изложува на разни притисоци“, рече Селмани.

Во извештајот пишува и дека институциите продолжуваат да трошат сериозни средства во медиумите. Министерствата и општините лани дале 1.5 милиони евра за медиумите, а 4 министерства и 23 општини не кажале колку одвоиле за оваа цел.

Најмногу пари дале Битола – 60 евра и Гостивар 50 илјади евра годишно, додека пак, Гевгелија, Делчево и Куманово трошеле десетици илјади евра за регионални телевизии за пренос на седниците на советот, за презентација на активностите на општината како и за објавување на соопштенија.

Општина Штип дала над 20 илјади евра на три регионални телевизии без да наведе за која намена.

„Таму каде не функционираат парите за да се воспостави контрола на медиумите, власта користи гола сила да ги замолчува новинарите. Според нашите податоци во последните четири години, нападнати се над 40 новинари, од кои околу пола од нападите се случиле во 2016 година. Имавме прогонувани новинари, еден осуден на затворска казна, а друг повеќе од една година е во притвор осомничен за неиздржани обвинувања. Овој факт јасно сведочи за драматичната ескалација на насилството врз новинари. Во Македонија постои јасна политика на неказнивост на насилството против новинарите. Убедливо најголем дел од инцидентите не се расветлени, а ниту еден насилник не е казнет.

Според извештајот, во медиумите немало вистински реформи, туку само козметички промени.

Како што истакна денеска Селмани, единствена позитивна работа во извештајот е намалениот број на тужбите за клевета и навреда против новинарите. Во 2012 имало 320 тужби, додека во 2016 бројот се намалил на помалку од  50 тужби.