Од:

Зоран Предин пред настапот со „Лачни Франѕ“: Историјата се повторува

Музиката ми е живот, вели славниот словенечки рокер, Зоран Предин, кој влегува од една во друга професионална приказна. Сака да експериментира со различните музички жанрови. Пред две години го видовме на „„Оф фест“со ансамблот на Дамир Кукурузовиќ. Годинава е на мини-турнеја низ Македонија со реоформенaтa група „Лачни франѕ“., во Скопје ќе настапат на 22 јуни (четврток) со почеток во 21.30 часот на платото пред Македонската опера и балет. На 24 јуни (сабота) се во Охрид. Настапот почнува во 22 часот на летната сцена на Долни сарај.

Славната словенечка група се појави во 1979 година и беше еден  од водечките рок-состави. До 1994 година сними 11 албума. Тогаш музичките критичари ги вбројуваа во кабаретен рок, а денес им ја доделија интернационалната етика „хард инди“.По долги години пауза решија повторно да се соберат и да почнат со музичкиот јуриш низ поранешна Југославија.

Во 2013 година Предин ја промовираше книгата „Втора жена во харемот“. До неа дојдоа и македонските обожаватели на славниот музичар. Во 2014 година ја обнови концертната програма на „Лачни Франѕ“ и ја исполни желбата на нивните некогашни обожаватели. Предин вели дека со реоформувањето на Лачни успеал да ги обедини младите и старите обожаватели на препознатливиот звук на оваа словенечка група.  Славниот музичар е преполн со идеи и со енергија за креирање.

Низ песните на „Лачни Франѕ“ проткајува вечно актуелната лирика на Предин. Неговите текстови речиси секогаш се двосмислени и обоени со суптилен сарказам. „Свако добро“ е насловот на првиот албум од новата постава на легендарната група. Го издадоа за „Кроација рекордс“.Со него ги изненадија сите кои од „Лачни Франѕ“ очекуваа поспана носталгија. Наместо тоа им понудија жесток и бескомпромисен материјал. „Лачни Франѕ“ покажа дека е повторно млад.

Македонската публика ќе може пак да ве види со „Лачни Франѕ“. Како решивте да не посетите по долгата пауза?

– „Лачни Франѕ“ во средината на 80-ти  настапи во МКЦ во Скопје. Во 1989 година свиревме на стадионот во Скопје на последниот концерт на Денот на младоста.

Реоформувањето на „Лачни Франѕ“го најавивте пред две години  на гостувањето на „Оффест“ во Скопје. Оваа информација публиката ја поздрави со аплауз. Со што ќе ја изненадите на сегашните гостувања?

– Подготвивме концертна програма направена од стари хитови и од песни од „Свако добро“. Спремивме и една македонска песна. На концертот ќе пеам на јазикот, кој го нарекувам – Југо есперанто. Него сите го знаеме.

Како решивте да ја реоформите „Лачни Франѕ“? И како помина најновиот албум „Свако добро“?

– Во 2014 година по долгогодишното инсистирање од публиката ја оживеав концертната програма на „Лачни Франѕ“. Тргнав на клупска турнеја во друштво на четворица музичари во сите поголеми градови во поранешна Југославија.  „Свако добро“ ги изненади сите кои очекуваа поспана носталгија. И публиката и музичките критичари одлично го оценија.

Од каде ви се енергијата и ентузијазмот за непрекината работа на музичката сцена? Низ неа влегувате од проект во проект..

– Музиката ми е живот. Ме интересираат различните жанрови. Полн сум со идеи и со позитивна енергија. Градам мостови помеѓу народите. Како публиката од регионов реагира на настапите  на „Лачни Франѕ“?

– Почесто настапуваме во Словенија. Имаме бројна млада публика, која ужива во нашите песни покрај старата публика. Убаво е кога на едно место ќе видиш сродни души на различна возраст. Со што го оправдавте реоформувањето на „Лачни Франѕ“? – Старите текстови повторно се актуелни  на ист начин. Историјата се повторува.

Често ги менувате облиците на креативното изразување. Како знаете дека ви е доста од некој проект?

– Решив да ги запознам сите различни жанрови што ги сакам. Жанровите пак, имаат свои барања, кои мора да ги почитуваш, особено кога пишуваш текст. Во „Лачни Франѕ“ имам полна слобода. Сите мои проекти се живи. Честопати знам да настапам и сам само со гитара. Имам концертна програма и за ваков тип претставување пред публиката.  Со концертната програма„ Tragovi u sjeti“, која ја изведувам со Матија Детиќ, во ноември ќе настапиме и во Скопје. Следната година ќе ве изненадам со џипси свинг со Дамир Кукурузовиќ. Новата „Лачни Франѕ“ звучи автентично, но и прогресивно. Ја следат современи звуци. Модерните и свежи аранжмани и цврста свирка се наш заштитен знак.

Разговараше: Светлана К. Симоновска