Од:

Зошто на Путин му одмили Сирија

Пишува: Борис Камчев

Пред неколку месеци, поточно во септември, пишував како најновото хоби на рускиот претседател Владимир Путин е исламскиот свет. Во текот на летото, воено-политичката елита во Москва се подготвуваше за една од најголемите авантури на Русија после Авганистан – воената интервенција во Сирија. На секој еден поасален аналитичар му беше јасно дека во кујната на Кремљ се готви нешто важно за иднината на светот.

Тогаш Путин стана специјалист по исламски прашања и се стави во улога на заштитник на правоверниот ислам од оној искривоколчениот, пропагиран од страна на џихадистите на Исламската држава. Всушност, преттекст за испраќање на моќната армија од север во пустинските предели на Сирија беше неговата мисија за уништување на геополитичкиот тумор на исламскиот тероризам олицетворен во ликот и делата на ИД.

Но, ненадејно на Кремљ му одмили Сирија. Веста завчера одекна како бомба по светските медиуми – рускиот претседател наредил повлекување на воените сили.

Сцена прва

За да проникнеме во длабочинита на мозокот на, според многумина, највлијателниот авторитарен лидер на денешницата, потребно е малку да се позанимаваме со кремљинологија.

Доколку внимателно го следевте ТВ обраќањето на Путин и наредбата за враќање на „учтивите“ зелени човечиња дома, ќе забележевте дека од левата страна на шефот седеше министерот за одбрана Сергеј Шојгу , а од десната, никој друг туку Сергеј Лавров, министерот за надворешни работи, кој обично не е истурен лик во тоталната пропаганда на Кремљ.

Оттаму може слободно да се заклучи дека одсега натаму во регулирање на сириската блискоисточна криза приоритет ѝ се дава на дипломатијата. Ова не е првпат руската дипломатија да прави пресврт во напорите за регулирање на петгодишната крвава граѓанска војна во Сирија. Сетете се на епизодата со уништањето на хемиското оружје на Башар ал Асад, галеничето на Путин, и ефективното стопирање на Барак Обама воено да интервенира во Сирија. Тој успех беше по иницијатива на Лавров, отако Асад ја пречекори од Вашингтон поставената црвена линија – во конфликтот со опозицијата да не употребува хемиско оружје.

Сцена втора

Треба уште еднаш внимателно да се погледне прилогот со ТВ обраќањето на Путин. Опулете се во позадината на нашиот херој и ќе забележите дека во заден план стои подигната даска за пеглање, наврат-нанос заборавена од личниот гардеробер на претседателот и незабележана од камерманите. По сѐ изгледа Путин (или гардероберот) морал под итно да го испегла своето одело пред да оди во живо.

Втората сцена покажува деке рускиот претседател, како и многупати досега, донесува непредвидливи и неочекувани решенија за кои и тој самиот не е свесен неколку денови па дури и неколку часови пред да бидат смислени и обелоденети.

Ова е потврда на тврдењата на многумина дека Путин е многу лош стратег но мошне добар тактичар и опортунист. Односно, неговите решенија не зависат од мунициозно испланирана стратегија на тим од компетентни помошници, а од текот на тековните политички настани и моменталните одлуки донесени од неговите партнери или соперници. Решенијата како на пример анексијата на Крим, стопирањето на изградбата на Јужен поток, или военото влегување/излегување од Сирија, се фактички производ на курентните случувања на глобалната сцена, тоа се едни мега ad hoc решенија што го потресуваат светскиот поредок и создаваат ризик од глобален конфликт, наречето го тоа и Трета светска војна.

Познавачите на англиски јазик ова го препознаваат како zero-sum game. Секој понатамошен чекор е непредвидлив и неможе да се исклучи било кое сценарио ако моменталната ситуација тоа го побара, како например повторно враќање во Сирија или окупација на Балтикот.

Коалицијата се распаѓа

Една од најзначаjните можни причини за стопирањето на активната фаза на руските воени напори во Сирија е однесувањето на шиитски Иран.

Иран, како и Русија, сесрдно го помагаше Асад, кој самиот потекнува од алавитите, муслимански огранок на шиитите. Иран исто така се јавува и како контратежа на сунистките монархии од Персискиот залив со кои тој не е во најдобри односи (со Саудиска Арабија пред сѐ).

Во оваа, веќе бивша, словенско-шиитско –алавитска коалиција, Иран воопшто не се покажа пријателски кон Русија како нејзин сигурен партнер.

Имено, Техеран одлучи да ги повлечи своите пешадиски сили од Сирија, вклучително и елитните бригади Стражите на исламската револуција, кои требаше да воспостават мир во раскрварената и уништена земја под татнежот на руските ловци и тенкови. Путин се надеваше на оваа помош бидејќи од самиот почеток е против испраќање на свој пешадиски контингент во Сирија, акт што имаше шанса да ги „авганизира“ руските воени напори во регионот.

После симнувањето на меѓународните санкции, Иран направи уште неколку постапки кои ја нервираат Москва. Русија имаше големи очекување во однос на солидарноста на Иран за ограничување на извозот на нафта. Но Техеран не одговори на подадената рака од Москва и барањето на ОПЕК да го ограничи производството, изјавувајќи дека тоа ќе се случи додека земјата не започне да пумпа 4 милиони барели нафта дневно, а не 2 милиони, колку што сега произведува.

Замрзнување на производството на нафта е со цел одржување на повисока цена на барелот на светските берзи, до идеалните 50 долари – фиксираната вредност програмирана за рускиот федерален буџет да биде во баланс во 2016.

Иран покажа дека нема намера да се меша во внатрешните работи на Руската Федерација и да ги решава финансиските проблеми на Путин за покривање на буџетските дупки со кои се соочени неговите елити. Се сведува на тоа дека Русија прави огромни жртви и загуби – според некои пресметки таа троши околу 10 милион долари дневно за воените напори во регионот – а Иран и Сирија се неблагодарни.

Синдромот Анкара

После серијата терористички напади во Анкара и некои региони на Турција, но и со неумолливиот бегалски бран во Европа, Кремљ сфати дека ситуацијата не може да се контролира толку колку што навистина може да издржи кревкото примирје од 27 февруари. Притиснат од економската криза дома на која е време да се фокосура, а не на исламската секташка војна на Блискиот исток од која никој нема корист, одлучи дека ризикот од пораз е голем и се повлече. Моментот на мировните преговори во Женева беше пресвртен за крај на операцијата и давање шанса на мирот.

Да не говориме за домашниот победнички пи-ар со пречекувањето на пилотите на аеродоромот во Воронеж и прогласувањето на некои од нив херои. Во ерата на 21 век кога војните ќе бидат изведувани со беспилотна копнена машинерија и летала, дронови и роботи, тоа изгледа навистина бајато и старомодно.

Русите заминуваат и им ја враќаат на Турците полната контрола врз регионот на северна Сирија. Тие сепак ги задржуват под своја контрола базите во Латакија и Тартус во западниот и јужниот дел на земјата. Заемната полза од економската соработка помеѓу двете големи нации значи многу повеќе од краткорочните тактички воени победи. Веднаш дојде вест дека Москва ги обновува туристичките врски откако повеќе агенции повторно добиле лиценци за организација на тури во Турција.

Од 15 март Русија е инволвирана во Сирија само преку воздушни маневри и можни удари со цел запазување на примирјето. Мисијата е завршена. И тоа е добро.

Главната победа треба да се гледа во повторната изградба и нормализација на регионот.