Од:

Зошто победи Емануел Макрон?

Клучното прашање кое медиумите, аналитичарите, јавноста го ставаат на маса за дебата- како се случи победата на младиот 39-годишен кандидат за претседател на Франција има неколку одговори и сите се фокусираат на една нишка- Франција има поинакви вредности и свест за светот.

Доколку се направи некаков обид за паралела помеѓу изборот на Америка за Доналд Трамп или изолациониот курс на Британците со Брегзит, аналитичарите се согласуваат дека Французите не сакаат таков вид на иднина, особено не би одбрале да бидат вовлечени во кафез кој им го нуди  Марин Ле Пен.

Трамп и Брегзит се критичната точка, онаа на прекршување која ги протресе Французите, нивниот избор никогаш не би бил ксенофобија и национализам, но ако уште еднаш добро се разгледа целата ситуација, останува една загрижувачка стварност. Онаа на третина гласачи кои и ја дале сепак поддршката на Марин Ле Пен, и покрај фактот што француската историја е сосема поинаква, тоа е историја на вредности и идеали на слобода, братство и еднаквост, тоа е гордоста на Французите.

Марин Ле Пен помина доста време бришејќи ги црните дамки, товарот кој го носеше и таа и партијата од политиката и застрашувачките пораки на нејзиниот татко. Десничарскиот екстремизам, расистичкиот однос кон имиграцијата, анти-семитизмот едноставно не можат, не смеат да бидат тест во една политика- да бидат ладнокрвна понуда за гласачите и таа се обидуваше сите овие ставови на сопствениот татко да ги ублажи, најпрво со дистанцирање од него, потоа со помека реторика и создавање слика дека е далеку од стравот кој тој го создаваше. Но, суштината на политиките таа не ги избриша, демоните останаа да висат над Франција и тие се сега уште присутни, ако се погледне со отворени очи резултатот, бројката со која таа ги заврши овие избори.

Токму затоа, доколку Емануел Макрон во годините кои претстојат не понуди нешто навистина ново и опиплива надеж, Марин Ле Пен веројатно ги има сите шанси на овој свет во 2022 година да триумфира. Макрон може малку да направи до парламентарните избори во јуни, следниот месец, но барем може да се обиде да ги убеди гласачите дека вистинското решение е сепак онаа Франција која ја сакаат, Франција која не смее да биде поинаква освен триумфот на демократијата.