Од:

Зошто Владата мора да го гушне Ердоган

 

Со радост и гордост ја прочитав веста дека на настанот за одбележување на годишнината од „пучот“ во Турција ќе присуствуваат официјални претставници на Владата на Македонија.

Само ноќта, за време на пучот, беа убиени 300 луѓе, повеќе од 2,100 беа повредени. Овие луѓе ги дале животите борејќи се против Ердоган, никој не им ги знае имињата, но сите им ги знаеме соништата.

Секако дека треба да оди македонската Влада да ја одбележува таа годишнина на пучот, тоа е должност на демократскиот свет, побогу.

Секако дека треба да се поклони пред нивните гробови, да им ги запамети имињата, едно по едно, презимињата, раката кај срцето да ја допре, да дознае, да слушне што се случуваше после пучот, каква беше одмаздата на Ердоган.

Само така македонските функционери ќе запаметат дека следуваа масовни затворања, измачувања, прогони, само така ќе и го почувствуваат здивот на смртта кој го сее Ердоган.

Последната бројка на уапсени судии е 2.745, потоа 15.000 образовни работници беа суспендирани, следуваа 21.000 учители кои работеле во приватни институции им беа одземени лиценците. Повеќе од 100.000 луѓе беа уапсени или избркани од работа, под обвинение дека се ѓуленисти.

Стотици новинари исчезнаа, тие се сега зад затворските решетки. Повеќе од 150 медумски куќи беа затворени. Не постои медиумски сопственик, кому Ердоган не му бил на свадба или пак со големи почести се потпишал како сведок на тие свадби. Веројатно затоа нобеловецот за литература Орхан Памук постојано пишува дека слободата на медиумите, на говорот не живее во Турција. Дека Ердоган ја води нивната земја во терор.

Затоа македонските власти мора да одат и да го гушнат Ердоган. Тогаш кога ќе се стресат до болка додека се во неговата прегратка, нека се сетат на Памук, на неговите коски кои никогаш нема да бидат скршени, затоа што тој никогаш нема да заврши во таа прегратка, од која нема враќање.

Бројката постојано се зголемува, 100.000 уапсени луѓе е денеска премала бројка, којзнае што се случува додека го пишувам овој текст, којзнае кој се е ноќва затворен, измачуван, фрлен во зандана, обвиткан околу главата со бодликава жица, затоа што само така мора да завршат критичарите на Ердоган. Низ жицата нека протече струја, нека го смени токот на мислите, ставовите, соништата.

Нека биде следниот кој ќе заврши во животински кафез токму Орхан Памук, неговата борба против Ердоган, против ердоганизмот нека биде најдобрата лекција за сите нобеловци за мир, нека се потопат со крвта на Памук сите книги, весници, новинари, писатели, интелектуалци, судии, учители, професори, нека дознае светот како завршуваат оние кои мислат поинаку од Ердоган.

Ете затоа мора да одат македонските раководители на годишнината на пучот против Ердоган, само затоа тие се должни да одат. Само таму можат да го прашаат Памук зошто неговото интервју во весникот “Хуриет” оваа година било забрането и никогаш не било печатено. Тогаш кога изјавил дека ќе гласа “Не” за уставните промени и го образложил своето дрско “Не”. Тие уставни промени воведуваат религиозен авторитаризам, го поплочуваат патот за дикаторство.

Како напиша Памук: “Не” за оној кој ги гледа како непријатели- научниците, уметниците, писателите, карикатуристите, студентите, работниците, фармерите, рударите, новинарите и сите оние кои не му се покоруваат.”

Турција е длабоко несреќна земја, смета Памук, опишувајќи го животот со Ердоган. Веројатно слично како што ние бевме несреќни сите овие 10 години со Груевски, и слично како Памук, баравме од европските лидери да дознаат зошто сета оваа несреќа ни се случува: “Се надевам дека лидерите на ЕУ тогаш кога се поздравуваат со турските лидери… понекогаш ќе зборуваат и за слободата на говор.”

Затоа, добро е што македонските власти одат на годишнината на пучот. Тогаш кога Ердоган силно ќе ги прегрне, нека го прашаат за слободата, нека го прашаат за сите имиња, сите презимиња кои сега се во затвор, нека го прашаат за сета несреќа која тој ја донесе.

Нека одат слободно кај Ердоган, само таму ќе ја дознаат вистината дали и тие допринесуваат за несреќата со поддршката кон Ердоган, на сите оние научници, уметници, писатели, карикатуристи, студенти, работници, фармери, рудари, новинари и сите оние кои не му се покоруваат, за кои говори Орхан Памук. Нека одат, тоа е единствениот скратен пат кој може да ги доведе до корените на несреќата, за која тие добро знаат, но брзо ја заборавија.