Од:

Зврлевски отворил предмет против политичка партија, но не кажува која

Основното јавно обвинителство отворило постапка во 2016 година во врска со изборни нерегуларности, но нема да објавува податоци за нејзиниот тек  со цел да не ја нарушат тајноста на постапката, ова денеска писмено го сооопшти Основното јавно обвинителство предводено од Марко Зврлевски.

Во врска со изборни нерегуларности има отворено постапка уште во 2016 година. Основното јавно обвинителство – Скопје во работењето постапува неселективно и неповрзано со преземени дејствија на други органи, ја води постапката без да објави податоци за нејзиниот тек за да не ја повреди тајноста што  е обезбедена со закон.

Постапувајќи по кривична пријава поднесена од надлежна институција, Основното јавно обвинителство – Скопје минатата година оформи предмет против едно лице – организатор на изборна кампања и други лица, како и против едно правно лице за сторено кривично дело – Злоупотреба на средства за финансирање на изборна кампања од член 165-а од Кривичниот законик. Делата за кои е отворена постапката се во врска со употреба на недозволиви средства за изборна кампања и давање на лажни податоци во финансиските извештаи, се вели во соопштението на обвинителството.

Телевизиите деновиве објавија написи во кои што информираа дека Зврлевски почнал да ги повикува донаторите на СДСМ на разговор. Ова доаѓа непосредно откако Специјалното јавно обвинителство(СЈО) отвори истрага за финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ и повика стотици донатори на партијата на разговор. Донаторите ја бојкотираат истрагата на СЈО, а минатата недела дури и протестираа.

Претходно НОВАТВ објави дека се води и предистражна постапка насочена кон партијата БЕСА и невладините организации кои што во постапката се третираат како „Сорос“.