Единаесеттото издание на АКТО Фестивалот за современи уметности, организиран од Здружението за култура и уметност ФРУ – Факултет за работи што не се учат, продолжува во Тетово на 2 и 3 декември, со што завршува овогодинешното издание.

Фестивалот, кој влезе во својата втора деценија како ПОП АП АКТО започна во Битола во август, продолжи во Скопје во септември, а третата фаза се одржа во Штип во октомври. ПОП АП АКТО е поддржан од Агенцијата на САД за меѓународен развој УСАИД.

Последната етапа од фестивалот ќе се одвива во тетовскиот Центар за балканска соработка ЛОЈА. Програмата на ПОП АП АКТО во Тетово ќе се надоврзе на темите отворени во Битола, Скопје и Штип, во однос на политичката моќ на колективите и важноста на заедничкото делување.

Фестивалската програма во Тетово вклучува јавни дискусии, изложба, театарска претстава, музичка програма, како и саем на книги. Програмата за Тетово вклучува две јавни дискусии од фестивалската серија „УМЕТНОСТ ЗА ПРОМЕНИ:  Одговорноста на уметникот во време на политичка и општествена криза“ во кои, освен домашни говорници ќе учествуваат и гости од Приштина и Србија. Првата фестивалска вечер ќе се организира и претставата „Да го поздравиш и да ми го бациш Скопје“ на режисерката Билјана Радиноска, во продукција на АРТОПИЈА – Скопје. Во Тетово, како и во претходните три града ќе биде поставена изложбата „Колективна одлука – идентитет(и)“.

Во рамки на фестивалот ќе се организира и музичка програма со гостинката  Blerta Kosova од Приштина, а во текот на вториот фестивалски ден во Центарот ЛОЈА ќе се одвива и саем на книги.

Куратори на ПОП АП АКТО во Скопје се Филип Јовановски и Ивана Васева, додека ко-кураторка е Биљана Тануровска – Ќулавковски.

Организацијата ФРУ – Факултет за работи што не се учат е формирана 2000 година како уметнички проект. Една од главните активности на ФРУ е АКТО фестивалот за современа уметност.