На Андон Дончевски, Агим Ејупи, Сашко Поповски, Добре Маринков и Фоти Ѓатовски денеска им беше врачена државната награда „8 Септември“, која се доделува во областа на спортот, односно за остварувања на спортисти, тренери и спортски работници.
Дончевски ја доби наградата за животно дело за исклучителен придонес во развојот на спортот, афирмација и промоција на Република Македонија на меѓународен план.
Награда за остварување во областа на спортот во 2016 година, петта откако се доделува признанието, добија и Сашко Поповски за своите активности во ватерполото (репрезентативец и селектор), Добре Маринков, Фоти Ѓатовски и Агим Ејупи за борење.
Претседателот на Одборот за доделување на државната награда од областа на спортот „8 Септември“, Ѓорѓе Војновиќ им изрази благодарност на сите луѓе кои во минатото биле запоставени, а постигнале огромни успеси.
– Тие постигнале успеси можеби во една поранешна држава, кои ќе бидат споменувани и запамтени. Тие нивни успеси ќе се обидеме да ги достигнеме и во независна Република Македонија, рече Војновиќ.
Во име на добитниците на наградата, Андон Дончевски изрази благодарност за ова високото признание и упати честитки до сите Македонци по повод 25-годишнината од независноста на Република Македонија.




