„За мене и за ЕУ е многу добар предлогот кој го предложија од невладиниот сектор. Тие велат дека е многу добро во скопскиот Основен суд 1 да се формира специјално судско одделение кое ќе ги суди предметите на СЈО исто како што постапува и по предметите од Обвинителството за организиран криминал“, изјави денеска европратеникот Ричард Ховит.
Тој порача дека граѓанските организации во Македонија имаат голема и целосна поддршка од Европската унија и од него лично.
„Огромна поддршка од ЕУ има и Специјалното јавно обвинителство и многу ја цениме нивната работа. Многу сум разочаран што уште нема план да се донесат законските измени за Законот за заштита на сведоци, факт кој го бара и самото СЈО“, рече Ховит.
Ховит порача дека е разочаран што Уставниот суд сè уште се нема произнесено за уставноста на СЈО.
„Претставниците на сите политички партии ни ветија дека ако Уставниот суд се изјасни против СЈО, тие уште следниот ден ќе се вратат во Собранието и ќе направат законски измени за да може без проблем СЈО да продолжи да работи“, рече Ховит.
Тој истакна дека следниот месец ќе биде објавен Извештајот на Еу за напредокот на Македонија, каде повторно поканата за членство во ЕУ ќе биде условена.
„Одредени земји веќе се отргнаа од посредувањето во решавањето на нештата во земјава, има проблеми со пристапната помош. Затоа овие избори мора да бидат со реален избори за смена на моќта. Свесни сме дека пратениците во Собранието имаат право слободно да говорат, но Владата на Република Македонија и владејачката партија треба да го поддржат работењето на Специјалното јавно обвинителство и не би требало да ја подриваат нивната работа“, порача денеска во Скопје, европратеникот Ричард Ховит.
Според него, важно е на изборите на 11 декември да се случи вистински избор за трансфер на моќта.
„Промената на власта е можна. Ние ве поддржуваме во вашите реформи. Има добар избор и можност да се случи промена на власта“, рече Ховит.




