Без успех заврши и денешниот состанок на ад-хок телото кое требаше да го избере петтиот член – Албанец. Средбата е прекината, бидејќи членовите од ВМРО-ДПМНЕ Цветин Чилиманов и Слаѓана Димишкова немале насоки како да гласаат за кандидатот Сефер Тахири, вели Љубомир Костовски – член на телото по предлог на опозицијата.
-Прекинавме со состанокот бидејќи немаше никаква смисла. Едноставно колегите немаа насока за ова да одлучуваат. Јас мислев дека е чиста ситуацијата и лично немам ништо против Тахири да биде петтиот член на ова тело. Останува да видиме што ќе се случи на лидерската средба, вели Костовски во изјава за НОВА.
Предлози за нови кандидати денеска немало.
Еден од двајцата кандидати за петти член во ад хок телото за мониторинг на медиумското известување, Даут Даути вчера официјално се повлече од трката. Со писмо ги извести веќе избраните четворица членови дека не сака да биде пречка за одржување на изборите. Смета дека е нереално да се очекува одлуката за петтиот член да се донесе со консензус.
Формирање на ад-хок телото кое треба да го оценува балансираното известување на медиумите е една од условите во партискиот договор за одржување на избори.
Рокот за комплетирање на телото истече минатата недела.
Денеска за 13:30 часот во Клубот на пратениците закажана е лидерска средба на која лидерите ќе одлучуваат дали има услови за одржување на избори во декември.




