Министерот за информатичко општетсво и администрација Дамјан Манчевски најавува намалување на администрацијата, но не преку откази, туку преку мотивирање на службениците доброволно да се префрлат во приватниот сектор.

-Нема потреба административците да се плашат од начинот на кој ќе биде спроведено тоа. Сè ќе биде доброволно, но факт е дека нешто мора да направивме во реформата на сиситемот и оптимизација на вработените во јавниот сектор. Ситуацијата не може да остане статус кво, вели Манчевски.

Тој денеска беше дел од јавната расправа за претстојните измени на законите за вработени во јавниот сектор и за административни службеници пред подготовката на драф верзијата со цел во нив да бидат вклучени предлозите на институциите што ги применуваат двата закона. Според него процедурата треба да заврши до крајот на годината.

-Нема да брзаме ова е процес којшто ќе трае три – четири месеци, а потоа ќе влеземе во процедура, изјави Манчевски.

Тој очекува во јуни законите да влезат во владина процедура, а најдоцна до септември да биде изгласан во Собранието.

На првата јавна расправа за законските измени денеска претставници од повеќе институции изнесоа проблеми во нивната досегашна примена со предлози за воведување новини со коишто во иднина би се постигнала поголема ефикасност.

– При постапката за вработување потребна е рационализација на условите што треба да ги исполнат кандидатите уште при самото аплицирање за некое работно место. При голем број постапки се покажа дека голем број кандидати кои аплицираат за вработување како администраивни службеници отпаѓаат од натамошната селекција од тн. причини. Преоптоварени се да прикачуваат документи кои се ирелевантни за самиот мерит систем според кој треба да се вреднува способноста на самиот кандидат, рече директорот на Агенцијата за администрација Спасе Глигоров, посочувајќи го како пример лекарското уверение, документ што веќе е опфатен со Законот за работни односи.

При унапредувањето, пак, се предлага услов да биде периодот од две години што службеникот го поминал со одредено звање, а не работното место. Комисиите за дисциплински постапки се преобемни со по 17 членови и според Глигоров треба да се сведат на три до пет члена. Помалата бројност, според него, ќе отвори простор за соодветни обуки и нивна подобра подготвеност.

Според Билјана Жагар Николовска, советник за администрација во МИОА,  меѓу останатото, законите треба да понудат механизам со којшто управувањето со ефектот или оценувањето во администрацијата нема да биде алатка за справување со кадрите.

– Граѓаните од една страна очекуваат поквалитетни и побрзи услуги, а ние административните службеници очекуваме поголема мотивација за сработеното. Целта на оценувањето и за процесот за управување со ефектот треба да ни биде заедничка и да не доведе до исто, а не да биде алатка со која што менаџерите ќе може да се справуваат со кадрите кои не им се најпогодни, рече Жагар.

Законите за вработени во јавен сектор и за административни службеници се применуват од 2015 година. Во изминатите четири години, како што појасни државниот секретар во МИОА Јахи Јахија,  при примената е утврдено дека се потребни промени во одредени делови  и од техничка и од суштинска природа,  по што измените на законите се испланирани и во новата стратегија за реформи во јавната администрација.