Лидерот на ДУИ Али Ахмети втува дека нема да ги разочара Албанците со одлуката со кого ќе влезе во коалиција за состав на новата влада, но не прецизира дали изборот ќе биде ВМРО ДПМНЕ или СДСМ.

Тој негира дека има некакви преговори ниту со Груевски ниту со Заев.

– Ќе им кажам на сите Албанци во Македонија да не стравуваат. Конечната одлука ќе ја одразува волјта на мнозинството граѓани Албанци, затоа што ДУИ никогаш не донела одлука која е против својот народ, изјавил Ахмети во интервју за емисијата 200, пренесува Алсат М.

Тој не ја исклучува и можноста земјата да остане без влада ако не се прифатат неговите барања за унапредување на правата на Албанците во Македонија. Тој рекол дека кај македонските партии треба да преовлада разумот, бидејќи најштетната алтернатива за земјата е да остане без влада.

Претходно неименувани извори од ДУИ за Телма брифираа дека ДУИ преговара и со ВМРО ДПМНЕ и со СДСМ за тоа со кого ќе коалицира, а пресудно ќе биде кој ќе ги прифати нивните барања: претседател на Собранието да биде Албанец, официјализирање на албанскиот јазик на цела територија, СЈО да стане уставна категорија, ослободување на политичките затвореници, рамномерна распределба на Буџетот, правична застапеност во сите институции.