Според резултатите на анкетата од МЦМС и Телма, објавена вечерва во емисијата „Топ тема“, на прашањето „дали сте задоволни од работата на Владата во првите 100 дена “, 58,9 отсто од граѓаните одговориле позитивно, 35 отсто одговориле негативно, а 6,2 отсто останале воздржани од одговор.
Анализирано по етничка линија многу поголемо е задоволство кај Албанците, споредено со Македонците. Анализирано и само во македонскиот етнички блок преовладуваат задоволните со 14 процентни поени пред незадоволните.
Анкетата покажа дека кај 38,5 отсто од граѓаните перцепцијата е дека Владата се фокусирала на надворешната политика – ЕУ и НАТО интеграциите, проблемот со името, само 7,7 отсто сметаат дека се фокусирала на социјална заштита, 7,4 отсто на зголемување на вработеноста, 4,4 отсто на економскиот развој, 3,2 отсто на образование. Високи 20 отсто од анкетираните се изјасниле дека Владата се фокусирала на други области кои опфаќаат здравство, птравосудство, странски инвестиции, земјоделие.
Најголем процент од анкетираните сметаат дека Владата треба да се фокусира на зголемување на работни места, дури 34,2 отсто , 18,4 отсто на економски развој, а 10,4отсто сметаат дека тоа треба да биде здравството, а 7,4 отсто на социјалната заштитита. Надворешната политика е дури на четврто место – 8,6 отсто.
На прашањето, како граѓаните ги перцепираат претстојните локални избори, 60 проценти од анкетираните сметаат дека тие се само редовни локални избори, додека за 31,3 отсто претстојните избори претставуваат проверка на рејтингот на партиите и евентуален вовед во парламентарни избори.
Анкетата покажа дека главните приоритети кои треба да ги има во програмата на градоначалниците се локален економски развој, за што се изјасниле 33,8 отсто, урбанистичко планирање – 18,3 отсто, комунални дејности – 10,2 отсто, животна средина – 9,5 отсто.
На прашањето што влијае на изборот личноста или партијата 47,1 отсто од анкетираните одговориле дека за нив е битен кандидатот, неговата личност, образование, искуство и репутација, за 38,1 отсто важен е квалитетот на изборната програма што ќе ја понуди, а само за 9,4 отсто клучна е партиската припадност.
Анектата е спроведена телефонски од „М Проспект“ од 4 до 11 септември на 1005 исипитаници и е национално репрезентативна.











