Министерот за економија Крешник Бектеши денеска во Тетово изјави дека состојбите со протестите на пазарџиите во Скопје околу примената на Законот за трговија на зелените пазари може да се разрешат со меѓусебни разговори, но и вклучување и на други институци во процесот.
Тој посочи дека за барањето околу одложувањето на примената на Законот или негово укинување како Министерство немаат надлежнот, туку тоа е надлежност на Собранието.
– Во моментот на усвојување на овој Закон во јануари минатата година единствена комора што тогаш работеше и што упати барање за издавање на лиценци за продажба на зелените пазари беше Комората на трговци на Македонија. Другите комори што сега упатуваат барања за и тие да учествуваат во издавањето вакви лиценци се формирани многу подоцна. Како Министерство сме обврзани да ги спроведуваме обврските што произлегуваат од овој Закон и единствена наша надлежност беше носењето на подзаконските акти и правилниците што и го направивме. За укинување или одложено дејство на Законот право има само Собранието на Република Македонија, рече Бектеши.
Бектеши рече дека се сретнал со дел од пазарџиите и организаторите на продажбата на зелените пазари и засега немаат добиено барање од нивна страна во нивниот опсег на работа како Министерство.
– Пензионерите не се косат со Законот за трговија на зелените пазари, туку тие немаат право да работат согласно законот за работни односи што предвидува дека тие како и вработените во согласност со работодавачот имаат право на работа, но не повеќе од 10 часа неделно. Јас сум побарал и средба со пратениците предлагачи на Законот за трговија на зелените пазари заедно да разговараме околу можните чекори за негова измена и надминување на состојбите, додаде Бектеши.
Пазарџиите денеска протестираат против Законот за трговија на зелените пазари кој стапи во сила од 1-ви јануари годинава.
На поголем дел од зелените пазари утрово има катанци и транспаренти на кои е најавено дека има протест, а оние кои продаваат на Зелениот пазар дојдоа пред Собранието.

