Движењето Беса соопшти дека е формирана “посебна комисија која од денес ги започнува официјалните преговори со новиот мандатар” а комисијата ја води координаторот др Арбен Лабеништи, потпретседател на Беса.

“Во духот на ветувањето за транспарентност со албанскиот гласач, Централното претседателство на Беса го информира членството, но и јавноста, дека останува посветена на својата изборна програма, со која ја освои довербата на Албанците во Македонија на изборите од 11 декември 2016 год. За другите детали и за исходот на преговорите јавноста ќе биде информирана навреме”, соопшти Беса.

Се шпекулира дека Беса би можела да добие министер за правда во новата влада.

Следната недела почнуваат и средбите на мандатарот со Алијанса за Албанците, односно со Зијадин Села. Тој најави прес конференција во понеделник, прва откако беше нападнат на 27 април кога заврши во болница.

Алијансата на Албанците можеби ќе има министер за здравство но СДСМ денес не сакаше да го потврди ова.

За ДУИ се вели дека ќе добие 4 министерства како образование, економија, локална самоуправа и животна средина, како и две вицепремиерски функции.