Алијансата за Албанците цврсто стои на досегашните изјави, дека албанските политички парти кои имаат свои пратенички мандати  во Собранието на РМ, треба да разговарат за идната влада на заеднички начин, исто онака како што заеднички ја потпишаа и декларацијата на албанските партии.

– Сметаме дека актуелниот мандатар Груевски со својата изјава дадена последниве денови, ја оспорува заедничката политичка декларација на албанските политички партии  и своите клучни определби кои се однесуват за употребата на албанскиот јазик на сите нивоа. Исто така, неговата неспремност за продолжување на  работата на Јавното Специјално Обвинителство  зборува дека можностите да се разговара за идната влада со Груевски се минимални, велат од Алијансата за НОВА.

Од Беса пак се децидни дека немаат намера да разговараат со ВМРО ДПМНЕ се додека партијата е раководена од истите луѓе како досега.

– Можност да се преговара со нив е само ако актуелното раководство на ВМРО ДПМНЕ јавно се извини за сите шовинистички изјави и истапи дадени во минатото, изјавуваат од оваа партија за НОВА.

Во меѓувреме, раководството на ДУИ денеска во Мала Речица расправа со какви позиции ќе настапи пред преговорите на партискиот лидер Али Ахмети, со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски за идна владина коалиција. Партијата наводно ќе анализира дали да одат во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ или со СДСМ, но и можноста да предложат техничка влада или пак да станат опозиција.