Горан Грујевски, обвинет и осомничен во два случаи на СЈО, доби унапредување на позицијата во МВР, дознава НОВА. Тој од директор на Управата за безбедност и контраразузнавање е качен неколку скалила погоре и сега е помошник директор за координација во МВР.

Унапредувањето е дело на поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков, кој на заминување од челната позиција, го потпишал решението за новото работно место на Грујевски. Според сегашната позиција под негова контрола се сите пет управи во Министерството за внатрешни работи. Горан Грујевски е обвинет во случајот на СЈО за уништување на службени документи од УБК и осомничен во предметот „Тврдина“.

На неговата нова позиција претходно беше Тони Јакимовски, исто така осомничен во случајот „Тврдина“, кој исто така со „амин“ на Чавков доби унапредување. Јакимовски сега е генерален директор на Југоисточниот европски центар за спроведување на законот ( SELEC) со седиште во Букурешт.
Според информациите на НОВА, Горан Грујевски веќе подолго време е на боледување, но тоа не е пречка за неговата нагорна линија во полицијата. Тој не се појавува на поканите на СЈО за распит, но дојде во Кривичниот суд за најновиот случај „Трезор“ кој што го отвори Катица Јанева. СЈО за Грујевски бара притвор, но барањето беше одбиено од судот со кој раководи Владимир Панчевски.
НОВА дознава дека боледувањето на Грујевски му е издадено врз основа на дијагноза од лекар психолог, сопруга на пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Систематизацијата во МВР сменета за новиот директор на УБК
Митко Чавков, како министер за внатрешни работи направил и други измени во МВР, со цел на челните позиции да дојдат проверени луѓе. Извори за НОВА велат дека на 1 септември пред да биде разрешен од министер и поставен за директор на Бирото за јавна безбедност, Чавков ги сменил правилата за систематизација во МВР.
Само така за директор на УБК можел да биде назначен младиот економист Владимир Атанасовски во УБК кој таму дојде од директорската позиција во Управата за финансиско разузнавање, каде шест години беше директор.

Според новите правила, наместо десет години работно искуство во службата, сега се потребни само пет за некој да ја води тајната полиција. И тоа искуство не во МВР, туку било какво работно искуство.
„Тоа значи дека некој градежник, инжињер, таксист може да биде поставен на таа позиција“, велат за НОВА извори од МВР, кои се уверени дека сепак главниот збор во УБК и натаму го има „болниот“ Горан Грујевски.
Атанасовски само ја држи фотелјата, а обвинетиот Грујевски координира и контролира, велат од МВР.




